Со полициска асистенција камионите на комуналните претпријатија од соседните општини исфрлија отпад на депонијата во Кочани

Граѓаните кои минатиот месец го организираа протестот и блокадата на пристапот до депонијата кај Бели попладнево повторно се сообраа на влезот од депонијата, во обид да ги спречат камионите на комуналните претпријатија од соседните општини овде да го исфрлат насобраниот отпад.

Нивното барање возилата да се вратат назад не беа исполнети, односно со полициска асистенција тие влегоа на депонијата.

-Побаравме образложение за ваквата постапка, со оглед што Советот на Општина Кочани претходно донесе едногласна одлука да не се исфрла ѓубрето од други општини. Добивме одговор дека одлуката на советниците не може да ја попречи реализацијата на проектот за регионално управување со отпадот, за што имало решение на повисоко, државно ниво. Поради тоа биле повикани службени лица од Министерството за внатрешни работи за да обезбедат непречено влегување на депонијата за комуналните возила од Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци, истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани и на Надзорното тело за управуање со отпадот.

Дополнително, на граѓаните им било укажано дека можат да заработат соодветни пријави доколку го попречуваат спроведувањето на наредбата. Дел од присутните негативно го коментираа и договорот што пред неколку дена го потпишале четирите општини, а со што се дава согласност за депонирање на отпадот на кочанската депонија.

За состојбата со депонијата требаше да се разговара и на денешната седница на Советот на Општина Кочани, откако беше побарано тоа да се вметне како точка во дневниот ред.

Во меѓувреме беше дадена пауза поради присуството на поголема група жители на Старата касарна, кои бараа повторно приклучување на електричната мрежа. Сепак, по паузата седницата не продолжи, односно истата беше прекината.

Back to top button
Close