Нарциси, но поподмолни: вистината за темните емпати

Тие делуваат сензитивни и грижливи, но вистината е дека сакаат само да ве изманипулираат. Па, како да ги препознаете знаците за опасност?

Анита Чаудхури

Ретко се случува психолозите да идентификуваат нов и привлечен архетип на карактер. Човековата психа обично не поттикнува вести како „најзборуваната карактерна особина за есен/зима“ Сепак, нешто налик ова се случува со моменталната воодушевеност од таканаречените „темни емпати“.

Овој термин е многу популарен на ТикТок каде што има повеќе од 2,6 милиони споменувања. Дури постои и хаштаг “#darkempathtok” што потпомага за наоѓање на најновите видеа со загрижувачки наслови како „Кога емпатот станува темен“ и „Најопасниот тип на личност“. Доказ за тоа колку е проширена идејата е тоа што кога му ја споменав фразата на мојот фризер, тој добронамерно ми објасни: „О да, тие се оние што се како нарциси, само поподмолни“.

Темните емпати првпат беа откриени во истражување објавено во 2021 година во списанието „Личност и индивидуални разлики“. Истражувачите ги дефинираа како „нов психолошки конструкт“ што ги засега индивидуите кои имаат и високо ниво на емпатија и она што е познато како „темни особини“. Како изгледа ова во пракса? Темните емпати се оние кои се чинат грижливи и емотивни, но кои во суштина ги користат овие способности за лични цели.
Но како е возможно да фабрикуваш емпатија? Нели ние како луѓе може да го препознаеме тоа? Се испоставува дека има повеќе видови емпатија. Длабоко-грижливиот тип кој повеќето од нас го разбираат се нарекува „афективна емпатија“, вистинското нешто.

„Тоа е степенот до којшто го чувствувам она што ти го чувствуваш“, вели Надја Хејм, ко-авторка на истражувањето и асистентка за психопатологија и психологија на личност во универзитетот Нотингам Трент. „На пример, тоа што ти си тажна ме прави мене да се чувствувам тажно. Но има уште еден тип познат како когнитивна емпатија. Во тој случај, сценариото е: ‘Знам што размислуваш. Ја разбирам твојата ментална состојба. Но, не се грижам вистински за тоа’. Оваа информација е важна за темниот емпат бидејќи, доколку сака да го предвиди твоето однесување, мора да разбере што размислуваш за да се обиде да те исконтролира“. Ваквата „манипулација на прикриеност“ е таа што може да делува многу вознемирувачки ако сте нејзин фокус.
Јасмин работи како менаџерка на настани. „Имаше многу друштвена атмосфера и Елејн, новата шефица, сакаше да нè почасти петочен попладневен ‘бар на тркала’ односно неколку шишиња пенливо вино што се делеа меѓу бироата. Ноќе често завршувавме во паб“. Набргу, нејзината шефица почнала да споделува информации од нејзиниот личен живот што ја поттикнало Јасмин да се довери за сопствените тешкотии со забременување. „Се чувствував одлично што мојата шефица истовремено ми стануваше и добра пријателка и менторка, и што ми го разубавуваше канцеларискиот живот“.

Нештата почнале да одат во погрешна насока кога Елејн ѝ се доверила на Јасмин дека стресот негативно ѝ влијаел врз здравјето. Таа често ја замолувала Јасмин да презема дополнителни работни задачи. „Со задоволство помагав, знаејќи колкав притисок ѝ правеа од менаџмент. Таа исто така суптилно имаше споменато и шанса за мое унапредување. Но потоа страствено се внесе во не-толку суптилна камања против мојата желба за основање семејство. Ми кажуваше дека имам уште многу време на 35 години и ме прашуваше дали не сакам да ја приоретизирам кариерата и идните заработки. Дури сега разбирам колку голема граница се обиде да премине. Истовремено, искрено мислев дека се грижи за мене“.
Неколку месеци подоцна, Јасмин дознала дека е трудна. „Бев многу загрижена кога ѝ кажав на Елејн за веста, но не очекував толку екстремна реакција. Таа полуде и почна да вреска: ‘Како можеш да ми го направиш ова мене, после сè што имам направено за тебе?’ После тоа, ме исклучуваше од состаноците и кога го објавија многуочекуваното унапредување, без изненадување, не бев ни во потесниот избор. Секако, можев да се консултирам со одделот на човечки ресурси, но што ќе постигнев? Никогаш не сакав да работам повторно со жената и се префрлив во друг оддел пред да се роди ќерка ми. Но, уште се нервирам што ѝ верував“.

Нажалост, темните емпати се исклучително добри во убедувањето на својот плен да го спушти гардот. „Тие ја разбираат слабоста на човекот на интелектуално ниво, заедно со нивните лојалности и несигурности“, објаснува Венди Бехари, терапевтка и авторка на книгата „Разоружувајќи го нарцисот“.
„Тие се жедни за ова знаење бидејќи потоа можат да го употребат за да манипулираат. На пример, во романтична врска, да речеме темниот емпат знае дека неговата жена е горда на работните успеси и дека ѝ е важно како ќе биде гледана на професионалното поле. Таа добива одлична работна позиција. Тоа значи дека темниот емпат ќе почувствува потенцијален ризик дека ќе ја изгуби. Тој ќе го изгуби главното место „под рефлекторот“, и потенцијално, правото да ги донесува сите одлуки. Нејзините работни успеси ќе прават да се чувствува посебно, а тој ја губи моќта врз неа. Во ова сценарио, тој типично би направил шема да ја понижи другата личност. Може да кажува нешта како: ‘Знам колку е важно за тебе да се облекуваш соодветно за на работа, но кога го носиш тој фустан изгледаш на овца преправена во јагне. Ме изненадуваш. Мислев дека знаеш повеќе.’ Сè е поврзано со посрамотувањето“.
Како нивните блиски роднини, нарцисите, темните емпати се територијални. Според Бехари, често вакви типови луѓе можат да поттикнат исклученост од пријатели, семејство и колеги. „Изолација значи дека имаш поголеми шанси да се сомневаш во себе и темниот емпат може да те поттикне да си ја преиспиташ и извитопериш сопствената реалност. Тоа е уште една форма на „gaslighting“ (ментална манипулација). Човек може успешно да го постигне тоа само ако има осет за туѓите слабости – тука доаѓа делот поврзан со емпатијата“.

Една причина зошто има толку интерес за овој тип луѓе е бидејќи ни задаваат загатка: добро и зло измешани во еден ист пакет. На најзлокобното ниво, темниот емпат може да се појави во тип на човек како Џими Савил. Неговата способност на добивање туѓа доверба и себепретставување како хуманитарен добротвор, му овозможила да добие пристап до ранливи млади девојки. Но тоа е екстремен пример. Тоа што е најшокантно од скорешните истражувања за темните емпати е што откриваат колку е распостранет овој феномен.
„Ја идентификувавме како комбинација од особини која е присутна кај 19.3% од илјада испитаници“, вели Хејм. Значи еден од петмина го поседува овој тип на личност? Хејм предупредува: „Да, но овие особини се дел од спектар. Не секој човек има пореметување на личноста“.
Кандидат за избори кој се преправа дека ги слуша проблемите на избирачите за да добие гласови е еден пример на нормализиран темен емпат. Може да биде и соседот што секогаш има време за разговор, но само бидејќи сака да озборува и да извлече информации од вас. Или лажен пријател што постојано ве пумпа со информации за сите ваши проблеми за дополнително да си го зголеми чувството на супериорност. „Нашето истражување се фокусираше на општата популација и високата емпатија, комбинирано со доминација на она што го нарекуваме маладаптивни личносни карактеристики на темната тријада“, објаснува Хејм.

Темната тријада звучи како наслов за евтина хорор-франшиза. Што всушност подразбира тој термин? „Инволвирани се три особини“, вели Хејмс, „Психопатија (импулсивност и бездушност), нарцизам (грандиозност и самоважност) и макијавелизам (стратешко и манипулативно размислување)“. Кај некои луѓе, овие особини се преклопуваат во темно јадро“. Замислете си го како вознемирувачки венов дијаграм.
Едно нешто кое што ги прави темните емпати тешки за препознавање е што повеќето од нас не внимаваме на лажно сочувство. Шона го запозна Иан во нивниот локален трчачки клуб. „Јас бев нова, не припаѓав и имав вишок килограми. Тој ме охрабруваше и поддржуваше. Изгледаше малку срамежлив, со нежни манири. Му верував“. Иан спомнал колку пари успеал да собере за донации, неговото волонтирање во народни кујни и како бил тренер на јуниорски фудбалски тим.
Набгру, станале пар и сè било супер. Но, по неколку недели, Шона почнала да се чувствува непријатно. „Една ноќ, се сретнавме и бев вознемирана бидејќи баба ми беше однесена во болница. Иан ги кажуваше сите правилни зборови, но имаше нешто неприсутно кај него.Го набљудував додека не ме гледаше и неговата експресија беше полна презир. Си помислив дека можеби си го замислив тоа, но имаше и други знаци дека нешто не е сосема во ред. Секогаш беше толку упорен да се претстави како грижлива личност, но една ноќ се вратив дома и го затекнав како го малтретира доставувачот со гневна тирада. Тоа ме загрижи.“

Потоа, еден ден, жена од клубот ја тргнала Шона настрана. „Не кажа многу, само дека и таа била инволвирана со Иан сè додека не ја оставил за друга трчачка од клубот. Излезе дека имал добропозната шема на заведување нови членки во клубот, често одејќи со неколку од нив истовремено. Му раскинав и збесна. Исто така дознав дека повеќето добри дела за кои ми зборуваше биле целосна измислица“.
„Некогаш е полесно да се препознае темен емпат во романтични или пријателски врски отколку на работа“, додава Хејм. „Вообичаено, овој тип личност помалку добива во личните врски па темните емпати не се трудат да го прикријат нивниот недостаток на емпатија на ист начин“. Сепак, има некои очигледни знаци на кои треба да внимавате ако имате сомнежи за некого, без разлика на контекстот. „Внимавајте на тоа дали ја користат добрината и симпатијата за да добијат нешто. Дали има некој прикриен мотив? Дали сте виделе докази дека можат да бидат сурови кон другите? Или можеби се повеќе антагонистички поставени отколку што нормално би очекувале некој да биде? Дали секогаш прават да се чувствувате виновно ако нештата не одат по план?“
Можеби е добра идеја и да набљудувате како личноста ги третира другите. Овој тип личност претпочита да се среќава со луѓе еден на еден затоа внимавајте што ви кажуваат и како се однесуваат во краткотрајни интеракции како разговори со келнери, таксисти итн. Исто така, дури и ако не ги запознаете нивните пријатели, слушајте внимателно како зборуваат за нив. „Дали одбираат со кого се пријателски настроени и дали можеби има некој сокриен мотив? Дали прават шеги на сметка на другите за да ги понижат? Дали се фини со некои луѓе, а дрски со други?“, додава Хејм.
Во оваа култура која е придвижувана од дата, ние сме сè повеќе принудени да ги оценуваме другите луѓе на хартија дури и пред да ги запознаеме, и во љубовта и во работата. Ова е уште една причина зошто да одвоите време за да процените некого што не знаете. „Може да требаат години пред да дознаете дека си имате работа со темен емпат. Знаците се суптилни.“, вели Хејм. „Колку повеќе време минувате со нив, толку посвесни ќе станете за нивните необичности. И тогаш ќе треба да размислите дали е ова нешто со кое можете да се справите? Можете ли да живеете со нивното однесување? Или тоа е проблематично?“
Психотерапевтката Шарлот Фокс Вебер верува дека можно е популаризираните тропи за самопомош на социјалните мрежи да ги направиле нештата полесни за темните емпати. „Некогаш темната емпатија е поврзана со распостранетоста на ‘синдромот на натрапник’. Тоа беше револуционерен и полезен термин, но сега е трансформиран во лажен сигнал за ранливост. ‘Не се чувствувам доволно добро, сите се чувствуваат како да припаѓаат освен јас…’ Поттекст: можеш целосно да ми веруваш“.
Уште една слична тактика, Фокс Вебер вели, „е да се преправаш дека си просветлена личност. Секогаш сум премногу внимателна пред личности кои велат дека нивниот проблем е ‘премногу давање’. За мене тоа е прв знак. Внимавајте на луѓе кои постојано се чудесно инволвирани во деталите и сценаријата на туѓите животи. Никогаш не знаете дали планираат да ги искористат информациите за да го уништат човекот, или за да го задржат сопственото чувство на супериорност.

По истражувањето на темата, се запрашав дали етикетите како „психопат“, „нарцис“ и „темен емпат“ имаат некоја корисна функција. Да бидеш „психолог од фотелја“ е можеби забавно кога разговараш за постапувањата на јавни личности како Доналд Трамп или браќата Мендез. Но, кога станува збор за анализирање на луѓето во нашите животи, дали е добра идеја да создаваме толку сомнежи? „Вистина е дека некои од овие термини се или грешно или премногу користени“, додава Фокс Вебер. „Земете го нарцизмот: тоа беше термин употребуван од грчките митолози, а потоа од психолозите. Но, сметам дека терминот ‘темен емпат’ има корисна функција. Нè потсетува дека рамнодушноста и големата сензитивност можат да коегизситираат. Инаку, не можеме да си објасниме таков вид однесување“.
Некои имиња беа променети.

Извор: Гардијан
превод: Филипа Сара Попова

Back to top button
Close