ВИДЕО | ИРЛ: Криминална банда подигала брзи кредити на име на изнемоштени, сиромашни граѓани со фалсификат лични карти
Kриминална група од Македонија изработувала фалсификувани лични карти, во кои биле злоупотребувани личните податоци на македонски граѓани и биле „лепени“ фотографии од луѓе од Бугарија и Србија, после што на нивно име земале брзи кредити, открива најновиот документарец на „Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ)“ со наслов „Украдени животи“. Групата со истите такви фалсификувани лични карти, отворала и банкарски сметки на име на граѓаните и тоа во помали банки. Една од жртвите на криминалната шема која е разоткриена во овој документарец, во еден момент имала 7 кредити на свое име, иако никогаш не подигнала ниту еден и сметката ѝ била блокирана од извршител со запирање на една третина од платата.
Во документарниот филм се открива дека постоеле фиктивни фирми во кои биле вработувани па експресно одјавувани ранливи категории граѓани (лица со телесна и психичка попреченост, лица што не живеат во Македонија) – кои што сите имале нешто заедничко, а тоа е дека на нивно име биле подигани брзи кредити од финансиските друштва во Македонија и тие фигурирале како должници, иако како што се гледа од посетата во нивните домови, некои од нив не биле способни ниту да се прехранат.
Тој посочи дека фотографиите пак, не биле на граѓаните туку на лица од Бугарија или Србија, за МВР да не може да изврши брзо препознавање во системот за препознавање на лица, а и зашто јазикот на кој што зборувале српските и бугарските соработници бил погоден за меѓусебна комуникација. На крајот на документарецот се открива дека лицето што ја раскажува шемата тврдејќи дека не е поврзан со неа туку само нејзин сведок – всушност бил сопственик на една од фирмите во која што се вработени лицата на чие име биле вршени задолжувањата со брзи кредити (измамените граѓани).
Документарецот го отвора прашањето за заштитата на граѓаните од крадење на нивните лични податоци и злоупотреби, како и од вакви и слични криминални шеми за кои што досега биле пријавени 100 оштетени лица. Двата модус-операнди што се откриваат во истражувањето се: Ако лицето е вработено, тогаш само со неговите податоци и туѓа фотографија се изработувала фалсификувана лична карта. Вториот модус-операнди бил дека ако лицето е невработено или од ранлива категорија, тогаш било фиктивно пријавувано и одјавувано во фирми, со цел на негово име да се подигне брз кредит.