Наместо да поевтинат, со „новогодишна кошничка“ – зејтинот, јајцата и шеќерот поскапеа
Најголем дел од производите во маркетите се намалени во рамки на акцијата „Новогодишна кошничка“ која ја спроведува Владата по предлог на бизнисот, но не се намалени и основните производи како зејтинот, шеќерот и јајцата, односно акцијата на Владата на предлог на бизнисот даде контраефект: најважните основни производи добија повисоки цени.
Во неколку маркети во Скопје граѓаните ги споредуваа цените од производ до производ и коментираа дека не очекувале вакви цени. Еден литар зејтин кон крајот на октомври и почетокот на ноември беше 73 денари, потоа просторот без владина акција го искористија добавувачите и цената скокна на 92 денари. Сега, за само една недела откако почна акцијата „Новогодишна кошничка“ се покачи на 97 денари.
Тоа се должи на фактот што во оваа акција владата е само логистичка поддршка и реши да му остави на бизнисот, односно на супермаркетите, производителите и дистрибутерите да одлучат кои цени да ги намалат. Тоа значи поевтини цени, но не на најосновните намирници, туку на оние производи кои можат да се најдат на празнична трпеза, пишува Фокус.
Пакување со 15 јајца во скопски супермаркет кое од 105 скокна на 130 денари пред неполн месец, сега е намалено на 110 денари и тоа е всушност зголемување, а не покачување, велат граѓаните во маркетите.
Дека ова е мерка на бизнисот се согласија и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески утрово на прес-конференција по повод имплементирањето на мерката.
– Оваа мерка произлегува од бизнисот, а не од Владата и оваа мерка е да намалат производите за новогодишните празници. Државниот пазарен инспекторат за сите оние аномалии кои ги има, ќе може да врши контроли на терен и ќе пишува казни. Попустот се одредува врз основа на најниската цена во последните 30 дена. Новата цена и старата цена мора да бидат транспарентно со назнака дека производот е дел од кошницата. На страната се објавени сите производи кои компаниите ги понудиле на граѓаните – истакна министерот Дурмиши.
Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
…