Ахмети над законот- кажува што не може да прави Уставен суд

Од Законот за употреба на јазиците не смее да се чепне ни точка ни запирка, во спротивно ќе биде пружен невиден отпор, и мора да има ветинг а не селективна правда. Ова е само дел од пораките на лидерот на ДУИ, Али Ахмети во неговото обраќање на вечерашниот традиционален новогодишен прием на партијата.

„Ние сме го освоиле тој закон со пот и крв. Да повикувате експерти, да ја повикувате Венецијанската комисија, да повикувате лидери на политички партии за да даваат мислења и оценки за Охридскиот договор – тоа е неприфатливо и многу опасно, затоа што се оспорува документ кој е постигнат со многу напор и со многу пот и е гарантиран од ЕУ, САД и НАТО. Од тој документ не може да се смени ни точка ни запирка“, порачал Ахмети на вечерашниот традиционален новогодишен прием на партијата, нагласувајќи дека тие не сакаат конфликт туку влез во Европската Унија.

Ахмети ги повикал и гласачите на Вреди да им помогнат на лидерите на таа коалиција да се вратат на патот на достоинството.

„И покрај тоа што сум политички противник, не сакам да ги гледам засрамени (Вреди -н.з.) и тие што гласале за нив. Сите тие гласачи нека им помогнат, нека ги охрабрат лидерите и претставниците на Вреди заедно да се вратат на патот на достоинството и да ја заштитат гордоста, бидејќи Охридскиот договор не е договор кој мора да се брани само од ДУИ и Европскиот фронт. Тоа е вредност која мора да биде заштитена од сите – и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ заедно со нивната коалиција, особено од оние кои се обединија околу Вреди“, порачал Ахмети, потенцирајќи дека секое поигрување со Охридскиот договор може да стави во функција други опции кои се непожелни за сите.

 

 

Кој дестабилизира?

Пораката на Ахмети доаѓа непосредно по вчерашната најава на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, дека подготвителната седница на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците ќе се одржи во периодот меѓу 19-ти до 21-ви март идната година. Уставниот суд побарал пријателски совет (amicus curiae) од Венецијанската комисија, од каде добил одговор дека дека таквиот совет ќе биде усвоен на седница на 14-ти или 15-ти март, а ќе биде објавен два-три дена подоцна. Уставниот суд побарал претставник од Венецијанската комисија да дојде на подготвителната седница за да го образложи пријателскиот совет.

Листата на учесници на подготвителната седница ќе биде финализирана денеска, а досега биле предложени повеќе од 20 имиња на експерти по уставно, меѓународно право и човекови права, поранешни судии на Европскиот суд за човекови права, а ќе бидат поканети и подносителите на сите 13 иницијативи. Костадиновски упати порака до политичарите да ги тргнат рацете од Уставниот суд и да останат посветени на заложбите на владеење на правото, правна држава и европски вредности.

„Како изгледа тоа, кога ќе излезат политички фактори – без да ги именувам – и кажуваат дека нашите постапки водат кон дестабилизација на државата. Како може владеењето на правото да дестабилизира држава? Напротив, невладеењето на правото може да дестабилира држава, а не владеењето на правото“, порача претседателот на Уставниот суд.

 

Селективно судство, политичка чистка…“

Уставниот суд не е единствениот кој е под притисоки критика на Ахмети. Тој во вчерашното обраќање критикувал и за селективно судство и за политичка чистка.

„Додека немаме вистински ветинг, додека имаме селективно судство што не врши функција според законите, туку нештата ги гледа од која етничка припадност доаѓаш, упатувам порака без оглед на политичката чистка и бурите што ги прават, дека ДУИ е ураган“, порачал Ахмети.

Според него, ветингот кој го избегнуваат сите политички страни, е единственото решение за решение за правда, правично правосудство и рамнотежа на властите во државата.

Од Вреди, и пред обраќањето на Ахмети реагираа на оценките што доаѓаат од Мала Речица на тема правна држава, европски вредности и пораки за деблокирање на европскиот пат

„ДУИ нон грата, партијата која го уништи правосудниот систем во земјава, се втурна во корупција и организиран криминал, повикува на европските вредности. Партија која 20 години, освен што не мрдна ниту еден камен на патот кон ЕУ, го уриваше и секој мост што го поврзуваше нашето општество со ЕУ, со партизација до крајност на судството, истовремено со обид за амнестија на лица нон грата како Груевски и Мијалков“, наведоа од Вреди.

Владејачката коалиција Вреди ги критикува оценките кои доаѓаат од Мала Речица (седиштето на ДУИ) на тема правна држава, европски вредности…Владејачката коалиција Вреди ги критикува оценките кои доаѓаат од Мала Речица (седиштето на ДУИ) на тема правна држава, европски вредности…

Владејачката коалиција Вреди ги критикува оценките кои доаѓаат од Мала Речица (седиштето на ДУИ) на тема правна држава, европски вредности…Фотографија: DW/S. Toevski

Оттаму потенцираат дека Коалицијата Вреди е силно ангажирана во спроведувањето на обврските од ЕУ и го чекаат формирање на политичката влада во Бугарија за да се затвори спорот со соседната замја и конечно да се отвори поглавје од преговорите со ЕУ.

 

„Оние кои се повикуваат на европските вредности, ја пополнуваат американската црна листа! Коалицијата Вреди се залага за лечење на раните кои ДУИ ни ги остави како товар. Заздравувањето на овие рани во државните институции бара време. Во рамките на овој мандат, Северна Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ и ќе биде многу блиску до полноправно членство во ЕУ“, порачаа од Коалицијата вреди.(dw)

Back to top button
Close