Шест месеци Влада на ВМРО-ДПМНЕ: Нацијата на Северна Македонија е определена за евроинтеграции, а Владата не ја исполни националната определба

Шест месеци Влада на ВМРО-ДПМНЕ: Нацијата на Северна Македонија е определена за евроинтеграции, а Владата не ја исполни националната определба.

Нацијата на Северна Македонија не бара алтернатива за евроинтеграциите.

Закочувањето на евроинтеграциите на Северна Македонија денес низ саботирање на Преговарачката рамка е истото што и обидот земјата да не стане членка на НАТО со проблематизирање на Преспанскиот договор претходно: Тоа се операции од истиот проект за ставање на територијата на Северна Македонија во просторот на „српскиот свет“ како хибридна проекција за руско и кинеско економско, политичко и безбедносно влијание во Северна Македонија и во регионот.

Бидејќи Владата мора да го следи барањето на нацијата за полноправно членство во Европската Унија спротивставено на предизборните реторики – денес Мицкоски и Меџити се во непријатна позиција: за ВМРО-ДПМНЕ прашањето е како да се ослободи од обврските од предизборната нарација за „репреговарање на договореното“, а за VLEN како да се факторизира и да го гарантира интегративниот процес кој и е во министерски ресор.

Владата ниту има ниту ќе има „План Б“: И ВМРО-ДПМНЕ и VLEN сепак знаат дека Преговарачката рамка е јасен и документиран писмен патоказ со кој Северна Македонија го потврдува својот капацитет на владеење на правото како копенхашки критериум – токму спроведувајќи ги своите обврски преземени со институционална одлука.

Исто како што на целата нација и е јасно дека внимателното формулирање на Преговарачката рамка за време на Француското претседателство со ЕУ беше гарантирањето на она што беше дефинирано како „идентитетско прашање“ и од Париз и од Берлин и од Рим… и од Атина и од Софија… преку Брисел. И дека со неа не преговараме со Бугарија или Грција туку со ЕУ.

Затоа и Мицкоски призна дека нема „План Б“ туку „идеи“. Сетете се: ВМРО-ДПМНЕ тргна од „репреговарање на Договорот за добрососедство“, а денес веќе не зборува ниту за „одложена примена“ на уставните измени. Впрочем сите сфатија, особено во Северна Македонија, дека се што ни било потребно – сме го добиле.

За Движењето за нова република Преговарачката рамка е и решение и патоказ и остануваме на ставот дека – рокот за полноправно членство во ЕУ зависи од властите во Северна Македонија.

Попрецизно, со донесени уставни измени до средината на март ние правиме recoupling со Албанија и заедно со неа и со Црна Гора следната декада можеме да ја дочекаме како полноправна членка на ЕУ.

Целта на малигните влијанија од надвор и на малигните политики од внатре е Скопје да чека на Белград и Бањалука на патот кон Брисел – за да биде „монета за поткусурување“. Владата и претседателот на Републиката се на потег – да работат за интересот на нацијата на Северна Македонија и на македонскиот народ во неа – или за „српски свет“.

Рокот за поднесување уставни измени што Движењето за нова република минатата седмица го истакна јавно е 15 јануари 2025.

Процедурата за уставни измени е минимум четириесетина дена и со оптимална агенда веќе во април имаме деблокирани преговори и правиме recoupling со Албанија која веќе го отвори второто поглавје.

Црна Гора е понапред, но со доволно напори трите земји заедно ќе може да го завршиме преговарачкиот процес во одржливо кус временски рок – создавајќи бран на проширување кој нема да може запрен во ниту една метропола во ЕУ.

Затоа повикавме опозициските партии и пратеници кои стојат на своите предизборни определби за интеграција на Северна Македонија во ЕУ – да ги поднесат уставните измени на средината на јануари – ако Владата не ги поднесе до тогаш.

Од моментот кога предлогот е во Собрание ќе се знае кој за што е – и Владата и секој пратеник.

И ова не е „фрлена ракавица“ туку начин како сите да понесеме дел од товарот и одговорноста. Но и да се вградиме во успехот на нацијата на Северна Македонија.

Друга опција е застојот да предизвика предвремени парламентарни избори, за ново изгубено време во кое партиите ќе бараат начин да „спасат образ“, а всушност само ќе наидат на презир.

Едноставно – изборот е дневна или државничка политика.

 

Ивон Величковски

Back to top button
Close