Герасимовски: Донесовме рекорден буџет за 2025 година со вкупна сума од 1.086.250.000,00 денари
Советот на Општина Центар го усвои буџетот за 2025 година со 18потврдни гласови, два воздржани и нула против. Проектираниот основен буџет е рекорден, со вкупна сума од 1.086.250.000,00 денари. Од овој износ, дури 45% се наменети за капитални проекти, додека преостанатите 55% ќе се користат за тековно и оперативно функционирање на општината. Градоначалникот Герасимовски ја поздрави одлуката на Советот:
Приоритетните капитални проекти се: финализирање на реконструкцијата на спортската сала „Работнички”, изградба на нова општинска зграда со подземен паркинг, реконструкција на улиците во локалитетот Тасино Чешмиче, во населбата Капиштец и во реонот на Дебар Маало, реконструкција на улицата „50 Дивизија”, пренамена на улицата ,,Мирослав Крлежа” во пешачка зона и модернизација на јавното осветлување со воведување ЛЕД технологија и примена на современи техники за управување и надзор.
Во областа на образованието, обезбедени се средства за реконструкција на училиштата, набавка на униформи за учениците, информатичка опрема, како и за инсталирање фотоволтаични системи на три детски градинки. Во делот на животната средина, акцентот е ставен на набавка на мерни сензори за бучава, мобилни уреди и мапирање на бучавата, а планирани се средства и за санација и поставување урбана опрема, реконструкција на игралишта, паркови и зелени површини.
Во сегментот социјална заштита обезбедени се средства за новиот проект „итно копче” за помош во итни ситуации за повозрасни лица и пакет услуги за деца и жени жртви на насилство, како и превенција од дроги и зависности. Во програмата за култура, на барање на советниците додаден е проектот ,,Прошетка со граѓаните за запознавање на знаменитости на Центар”.
Во делот на спортот, обезбедено е финансирање на КК ,,Работнички” и организација на натпревари во рамките на Лига Центар, со цел да се поттикне спортската активност и да се создадат услови за развој на младите спортисти.
Во буџетот се предвидуваат финансии и за одржување на постоечката инфраструктура, сервисирање тековни потреби на граѓаните и редовните проекти од сите сфери кои се покажаа како успешни, меѓу нив: сервис за стари лица, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, стипендии за талентирани ученици и ученици од семејства во социјален ризик, Феникс награда, награди за најдобрите наставници и негувателки, како и обезбедување средства за хигиена и тековно – оперативни трошоци во градинките и основните училишта во Општина Центар.