Онлајн просторот изобилува со коментари кои поттикнуваат омраза – колку е тенка границата помеѓу дискриминацијата и говорот на омраза?

Пишува: Марта Стевковска

Кога минатата година новинарката Рита Бехадини напиша објава во врска со јавниот став од страна на оџата од Сарај на социјалната мрежа Фејсбук, се соочи со експлицитни закани по живот кон неа и кон нејзиното семејство. Сторителот беше извесен профил на социјалната мрежа, именуван како Фисник Хоџа. Таа го пријави случајот и моментално чека судска разрешница.

„Лично сум била и сè уште сум мета на дискриминација и говор на омраза но правам сè што можам за да се заштитам. За жал, говорот на омраза и дискриминацијата се многу чести и почнуваат да стануваат нормализирани. Со доаѓањето на новата влада гледам сè повеќе говор на омраза поврзан со етничката припадност и сметам дека политичките партии користат јазик на начин на кој го поттикнуваат повеќе говорот на омраза“, вели Бехадини.

Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други.

Говор на омраза е секој говор, гестикулација, однесување или пишан текст коишто можат да поттикнат насилство, да деградираат или заплашат одреден поединец или група.

Според Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист од „Метаморфозис“ границата меѓу дискриминацијата и говорот на омраза е многу тенка, особено кога се однесува на основа на род и националност, бидејќи и двете произлегуваат од длабоко вкоренети стереотипи и предрасуди.

„Со оглед на тоа што и дискриминацијата и говорот на омраза често се користат како механизми за одржување на социјалните хиерархии, нивните ефекти се преклопуваат: создаваат атмосфера на нееднаквост и страв. Разликата е најмногу во формата – дискриминацијата е дејствие, додека говорот на омраза е изразување – но крајната цел е иста: маргинализирање на одредени групи. Во последниот квартал од годината е забележан пораст на говорот на омраза врз етничка основа, додека говорот на омраза врз родова основа остана на исто ниво. Овој тренд главно се поврзува со политичките настани, особено дискусиите околу законот за јазици. Наместо да ги користат платформите за конструктивни изјави, политичарите често ги злоупотребуваа за ширење штетни наративи. Ова доведе до зголемување на говорот на омраза меѓу граѓаните, што особено беше евидентно во коментарите под објавите на социјалните мрежи“, вели Ковачевска.

Оваа тенка граница, според неа, бара висока свесност и јасно дефинирани правни и етички стандарди, бидејќи лесно може да се премине од „мислење“ во „штетен говор“ или „штетно однесување“.

Маргинализираните групи се често на мета

Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ се сведоци на сајбер насилство и говор на омраза, каде што постојано се креираат лажни профили од анонимни лица и се објавуваат експлицитни фотографии и видеа насочени кон жени и девојчиња Ромки сè со цел омаловажување и нарушување на угледот на жените Ромки.

„Со говор на омраза се среќаваме во секојдневниот живот, но многу е присутен и на социјалните мрежи како и во медиумите. За ваквите случаеви поднесуваме преставки до Народен правобранител и Комисија за спречување и зашита од дискриминација како и Министерство за внатрешни работи. Со текот на годините оваа проблематика сè повеќе се зголемува. Ромките имаат специфична положба во општеството и се жртви на секојдневна интерсекциска дискриминација и поради тоа што се жени и поради тоа што се Ромки. Голем број Ромки ги немаат истите можности за донесување сопствена одлука за прашања поврзани со брачниот статус, образованието, кариерата, вработувањето и други прашања. Овие одлуки најчесто ги носат членови на нивното семејство или мажот“, вели Салија Бекир Халим, извршна директорка на здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари”

На 21 август 2021 година на социјалната мрежа Фејсбук се појави фан страна која имаше над 1.600 следбеници на која се објавуваа компромитирачки и експлицитни приватни фотографии и видеа од девојки Ромки. На Фејсбук страницата исто така беше објавен и повик за собирање на експлицитни фотографии и видеа од жени и девојки Ромки со цел нивно објавување, и како што беше наведено во објавата, „јавно прикажување на „нечесните жени“. Како и случајот со групата „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм и оваа фан страна беше пријавена, но за жал сè уште не се најдени сторителите, иако фан страната беше избришана.

„Случајот за „Ромска јавна соба“, е стигнат до Основното јавно обвинителство но сè уште нема никаков одговор. За среќа истиот профил е успешно затворен, но сторителите не се пронајдени. Тука мора да напоменеме дека жените од ромската заденица не се чувствуваат безбедно и по затворањето на оваа фан страница поради тоа што годинава година на платформата ТикТок се појавија неколку нови профили со иста содржина каде што се прикажуваат жените Ромки како недолични во заедницата. Најголем број на претставки се однесуваат на социјалните мрежи на Фејсбук, Инстаграм и ТикТок“, дополнува Халим.

Според Ковачевска, кога говорот на омраза станува општествено прифатен, тој ги зацврстува постоечките стереотипи и создава општествен амбиент во кој дискриминаторските дејства се доживуваат како „нормални“ или „оправдани“.

„Додека пак дискриминацијата, особено ако е институционализирана, дава пример дека одредени групи се „помалку вредни“, што дополнително го охрабрува говорот на омраза од индивидуи или медиуми. Овој однос е посебно видлив во општества со длабоки етнички, верски или родови поделби. Говорот на омраза создава простор за дискриминација, додека дискриминацијата служи како доказ или оправдување за говорот на омраза. На пример, дискриминацијата врз жените на работното место (како нееднаква плата) може да поттикне јавен говор кој ги деградира нивните способности, што понатаму го јакне системот на нееднаквост“, објаснува таа.

 

Етничката припадност, најчеста основа на говор на омраза

Според анализата на Институтот за медиуми, „Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација“, Хелсиншкиот комитет, во периодот од 1 јануари до 30 октомври 2024 година регистрирал вкупно 1.171 случаи. Најчести форми на говор на омраза и оваа година се однесуваат на етничката и националната припадност, додека веднаш по нив следи говорот на омраза насочен кон ЛГБТИК+ лицата. Анализата истакнува дека модерирањето на објавите и коментарите кои стануваат вирални претставува значителен предизвик за онлајн платформите, но тие претставуваат и прекршувања од креаторите на содржините.

Славица Анастасовска, една од авторките на анализата, ни изјави дека и дискриминацијата и говорот на омраза потекнуваат од предрасуди и стереотипи кои се вградени во човекот и во општеството.

„И двата термини се различни, говор на омраза е поврзан со дела на омраза, а дискриминација има дел што се однесува на говор на омраза во однос на вознемирување и поттикнување, а самото претставува нееднаков третман. Има една скала на еден американски академик која вели дека прво се почнува со лош говор, па потоа се преоѓа на избегнување на тие лица или таа група на лица, па потоа доаѓа дискриминација, па физички напад и на крај е истребување“, вели Анастасовска.

Според Советот за етика во медиумите на третото место по честота на прекршување во медиумските содржини е членот 10 од Кодексот на новинарите на Македонија, што се однесува на говорот на омраза. Вкупно 8,7% од сите донесени одлуки на Комисијата за жалби при СЕММ, во изминатите десет години, се однесуваат на прекршувања на оваа одредба од Кодексот. Како што е наведено во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, тие треба да се трудат да ја зголемат свесноста за негативните последици од говорот на омраза, да го идентификуваат и да го разобличуваат токсичниот говор. Онлајн медиумите, како што се вели во анализата, се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на веб страниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството.

Сара Миленковска, истражувачка и со-основачка на Мрежа Стела, вели дека во однос на говорот на омраза и родовата дискриминација на социјалните мрежи и во јавниот простор, кога станува збор за жените кои се од маргинализирана група или различен етникум или припаѓаат на ЛГБТИ+ заедницата се соочуваат со двојна дискриминација.

„Таа дискриминација доаѓа и од нивната позиција на жени, но и нивниот родов идентитет, етникум, сексуална ориентација и социјален и економски статус. Со нормализацијата на говорот на омраза ние праќаме јасна порака дека дискриминацијата и родово базираното насилство може да бидат дел од секојдневието. Говорот на омраза има и јасна цел да го ограничи дејствувањето на жените во јавниот простор, но и да направи простор за самоцензура и цензура и особено обесхрабрување на нивното учество во јавниот па и секаков дел од животот. Во веќе постоечката системска дискриминација во општеството се додаваат само веќе неколку, социјални, културни и општествени сегменти на дискриминација која станува дел од јавниот дискурс. Односно веќе постоечката нееднаквост и опресија на жените и маргинализираните групи само се потврдува со нормализирањето на говорот на омраза како начин со кој се замолчуваат жените“, вели Миленковска

Ковачевска се согласува дека интерсекцијата на различни видови дискриминација и говор на омраза е чест феномен, особено во општества со длабоко вкоренети предрасуди и стереотипи.

„Жени и ЛГБТИ+ лица од етнички заедници се особено ранливи, бидејќи често се наоѓаат на пресекот на повеќе форми на маргинализација. Активистка за женски права која е дел од ЛГБТИ+ заедницата може да биде означена како „предавник“ на традиционалните вредности на заедницата додека пак геј маж од ромска заедница може да биде исмеан и поради неговата сексуалност и поради неговата етничка припадност, со говор кој често го деградира и на физичко и на културно ниво“, дополнува таа.

 

Жените на јавна функција се повеќе дискриминирани

Според Бехадини, позицијата на јавна личност како кај политичарките, активистките или новинарките, дополнително придонесува за нивото на говор на омраза и дискриминација.

„Откако почнав да работам во телевизија во Косово добивам коментари од луѓе од Косово и од Албанија. Бидејќи работам на родови прашања, често известувам за таквите случаи: политичарките на пример се постојана мета на говор на омраза и поради родот, но често и поради етничката припадност“, додава Бехадини.

Бехадини вели дека првиот чекор е секогаш пријава.

„Не е секогаш важно дали имаме доверба во институциите или не, туку важно е да пријавиме. Ние сме тие кои треба да ја бараат одговорноста кај иснтитуциите. За жал, сметам дека сè уште ги немаат сите алатки да се справат или да превенираат вакви случаи и затоа е потребно владата да инвестира“, вели таа.

Салија Бекир Халим, вели дека и жените Ромки активистки или тие кои се на јавна функција се повеќе изложени на говор на омраза и дискирминација.

„Во 2022 година имаме поднесено пријава до МВР за говор на омраза кон жените политичарки и активистки. Од голема важност е едукацијата од најмладата возраст за момчињата и поголема одговорност од страна на релевантните институции. Потребно е да се подигне свеста за спречување на говорот на омраза како во општеството така и во онлајн просторот“, вели Халим.

Според Ковачевска говорот на омраза е симптом на подлабоки општествени проблеми.

„Тој е често резултат на културни, историски и политички околности, како и недоволна свест и образование, а интернетот им дава простор на поединците да шират омраза без значителни последици. Во таа смисла ние имаме потреба од еден поширок пристап кој наместо наратив на поделби треба да шири наратив на прифаќање и толеранција. Најважна е превенцијата – институциите треба да бидат активни преку регулативи и едукативни иницијативи. Образованието исто така е многу важно за тоа какви генерации создаваме и какви механизми потоа тие ќе користат за справување со овој феномен, потоа наоѓање начини да се поттикне дијалог меѓу различни групи и да се намали недоразбирањето. Прецизно дефинирање на говорот на омраза и дискриминацијата во законодавството и негова ефикасна примена. Па дури и психолошка поддршка за жртвите на говор на омраза и организирање програми за рехабилитација и образование на сторителите, со цел да се промени нивниот начин на размислување“, вели таа.

Овој напис е подготвен во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда.

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close