ГАЛЕРИЈА: Раѓањето не е ниту кротко, ниту нежно: Зошто низ историјата уметниците ја „дезинфицираат“ Богородица?

Секоја година околу Божиќ (декември или јануари, сеедно) светот се потсетува на приказната на раѓањето на бебето Исус. Но, на раѓањето му претстојат приказната за бегството, сокривањето, породувањето во штала\пештера\јасли…

Храброста, ризикот, жртвата кои го следат тој процес се дел од приказната за мајката.

Таа можеби е најсликаната жена во историјата и речиси секогаш е претставена како покорна, чиста и невина, а никогаш во породување. Фала му на Бога што уметници како Паула Рего и Естер Штраус нè вратија во реалноста.

Што знаеме за Богородица? Посетете ја која било црква, институција или европски музеј и ќе наидете на нејзиниот лик – идеализираната, умерена, невина и прекрасна жена. Со споени раце или во познатата поза на „Мадона и детето“, како кралица на небесата или скромно седната во природа, таа е насликана во сино (симболизирајќи чистота) и исполнета со побожност во нејзината одбрана покорна улога.

Богородица е можеби најпозната и најдокументирана „женска фигура“ на планетата. Но таа исто така е обвиена во мистерија и заробена меѓу контрадикции: човечко и божествено, кралица и слугинка, мајка но девица. Може ли сето тоа да се поврзе со нејзината приказна (или отсуство на приказна), земајќи предвид дека и покрај нејзината сеприсутност во нашите животи, во Библијата одвај се појавува, а и гласот ѝ е тих?

Лука и Матеј зборуваат за раѓањето на Исус. Кај Матеј таа е молчалива додека, пак, кај Лука зборува трипати заедно со нејзиниот моќен говор „Магнификант“. Кај Марко и Јован се појавува двапати. Сепак, низ Библијата нема детали за нејзиното раѓање, смрт, изглед или возраст. Иако се смета за најблиското човечко битие до Бог и неговиот Син, нам не ни е раскажана историјата за Марија. Единствените детали кои се надвор од нејзината улога како мајка на Исус се споменати во евангелието на Јаков што е апокрифен текст од вториот век. Марија е повеќе присутна во Куранот отколку во Новиот Завет.

Зошто нејзината приказна е толку отсутна? Бидејќи пишувачите на евангелијата имале намера да ја раскажат приказната за Исус Христос, а не за неговата мајка. Тоа им отворило простор на црковните татковци и теолози да создадат сопствени објаснувања и фабулации. Уметниците исто така имаат направено свои интерпретации.

Хилари Мантел ја опишува како „неверојатноста во срцето на духовниот живот; парадокс – неопрашена, а плодна; над природата, а против природата“.

Марија била реобмислувана според потребите на општествата.

Мантел вели дека нејзината природа како мајка и девица „била исклучок за божеството, единствена шанса за грешното женско тело да биде прифатено од целибатни мажи кои биле во позиција да одлучуваат дали ќе одиме во рајот“.

Ако се осврнеме на минатите претстави на Богородица во уметноста, се чини дека таа визуелно се претопила во оваа претстава. Во деветиот век, таа била византиска икона, светкајќи на рајскиот таван на Света Софија во Истанбул.

Во 13-от век, во готската Маеста на сликарот Чимабуе, таа седи на престолот во сјаен златен свет.

Во 1310 година ја наоѓаме во револуцонерната икона Богородица од Огнисанти на Ѓото – дело го обележило влезот во ренесансата уметност и кое е славено поради умешниот натурализам и тродимензионалните ефекти. Таму таа е насликана без згрченоста и рамноста од минатото и затоа телесноста ѝ се наѕира и под облеката.

Во следните векови, таа станува значително очовечена. Веќе во 1500 година, нејзиниот лик е зацементиран на западот како жена во сино, со светла кожа, од средната или високата класа која милозливо си го чува бебето и која е веќе на патот кон станување она што со векови подоцна ќе се смета за идеалната жена: послушна, покорна, света, и секако нежна и умерена.

Но каде е перспективата на Марија? Како се чувствувала таа? Приказните што ни ги дава уметноста речиси секогаш се раскажани од мажи – онаа за Марија особено. Речиси по дефиниција, недостасува женска перспектива, оставајќи ги гледачите со извитоперени идеи. Па, овој Божиќ размислувам за Марија, но низ очите на жени уметници.

Во Италија, во 1613/1614 година, Артемисија Џентилески ја слика својата „Богородица и детето“.

Нејзината Марија е скромна (седи на едноставен дрвен стол) и божествена (со тенок златен ореол), но истовремено ни е и сродна. Облечена во розево (наспроти невината сина), таа е прикажана како се обидува, а дури и како страда, да надои месесто, немирно златокосо дете.

Нејзиниот израз делува полн љубов и нежност, но нели може нејзините очи да се затворени (и нејзината коса несовршена, за разлика од други интерпретации) бидејќи е уморна, како и секоја мајка? Претставата на Џентилески е светови оддалечена од челичната и речиси роботска претстава на Жан Фуке во „Мелун Диптих“ од 1452 година.

Но за мене, најбогатата и најсложена претстава е од Паула Рего. Во 2002 година, на барање на тогашниот претседател на Португалија, Жорж Сампајо, таа одново ја замисли и ја присвои приказната за Марија.

Со намера да ги раскаже епизодите од перспектива на вистинска жена, таа кажа: „Како да ја обновиш приказната? На некој начин не можеш, но тоа што можеш е да ја видиш од перспектива на жена…односно, како Марија би ја раскажала приказната“.

Ставајќи ја Марија над Исус, Рего ги оживеа нејзините искуства. Нејзиното „Благовештение“ со пуфкаст и крилест ангел кој пренесува порака на млада, анксиозна и срамежлива Марија, поставува многу прашања. Какво било искуството за неа? Дали сакала да се согласи? Дали била спремна? Колку години имала? Рего ја стави Марија во школска униформа и ја искористи нејзината 12-годишна внука како модел. „Таа е уплашена, а сепак прифаќа“, додава Рего, која како мајка имала искуство со бременост, за разлика од сите мажи уметници.

Во друго свое дело, „Раѓање“, Рего ни прикажува една уморна Марија која со затворени очи и полна со болка, го држи својот подуен стомак и се потпира врз друг ангел.

Уметницата нè поттикнува да се запрашаме: зошто вистинитоста на нешто како породувањето било толку занемарено во уметничките прикази на приказната за Марија?

Нели е интересно што нејзината единственаулога“ е да раѓа, а што не постојат дела кои вистински го прикажуваат тоа?

Минатиот јули, во црква во Линз, некој толку бил згрозен од помислата дека Богородица раѓа, што ја обезглавил скулптурата од Естер Штраус која го прикажува токму тој чин (француската црква пак немала никаков проблем и дозволила делото да биде изложено во Линз)

Зошто ни се чини ова толку радикално? Дали бидејќи конечно го гледаме овој вечно сликан миг од перспективата на мајката.

Кејти Хесел

извор: Гардијан

Back to top button
Close