Што би предавал Груби на ДУТ?

Започнала законската процедура за разрешување на професорот Артан Груби, доцент на Правниот факултет, отсек новинарство на Државниот унуверзитет во Тетово (ДУТ). Според Сафет Емрули, декан на тамошниот Правен факултет, неколкудневното отсуство на Артан Груби од работата на факултетот, а без да даде појаснување за тоа, значело преземање мерки против него.

„Од минатата недела наведениот не се појавил на работното место, што значи дека не ги исполнил обврските од Законот за работни односи и Законот за високо образование. Случајот го процесуиравме согласно со законските одредби и започнавме постапка за соодветни мерки согласно со законот. Наскоро ќе бидете информирани за одлуката што ќе ја донесеме како универзитет“, изјавил Емрули за ТВ Аласт.

Груби не е во земјата од средината на декември. Засега нема објаснување дали во ДУТ било најавено и одобрено негово отсуство во претходно определен период, со оглед дека неговото отсуство почнало да брои од „минатата недела кога не се појавил на работа“. Или пак, работното место на Груби кое претходно било во мирување, било активирано од почетокот на годинава, кога официјално е констатирано дека барателот Груби не се појавил на работа.

Законот за работните односи во член 82 став 1 точка предвидува: „Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот: 1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година”.

На веб страницата на ДУТ во делот „Академски кадар“ се уште стои името на Артан Груби меѓу имињата на другите негови колеги кои работат на тој Универзитет. Груби на 15-ти декември заминал од Македонија кон Косово преку граничниот премин „Блаце“, но не беше познато која е крајната дестинација на неговата „приватна посета“, како што самиот ја нарече во објава на социјалните мрежи. Тогаш тој ги демантираше медиумските наводи дека избегал од земјата и побара од јавноста да не се изнесуваат такви шпекулации.

 

„Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш штом ги завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство“, објави Груби, но до денес не се врати.

 

Компромитирање на академскиот интегритет

Неколку дена откако Груби беше ставен на црната листа на САД (заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети) заради вмешаност во значителна корупција за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, јавно беше отворено и прашањето на неговиот кредибилитет да работи во една високообразовна институција. Форумот за образовни промени (FECH) порача дека Универзитетите во Северна Македонија треба да ги држат подалеку од своите институции Артан Груби и Кочо Анѓушев (кој исто така е на црната листа на САД) и да ги заштитат студентите од тие лица, исто како што би ги заштитиле од опасни криминалци.

„Ова е потребно бидејќи овие личности се наоѓаат на американската „црна листа“ поради извршување на сериозни криминални дела, кои можат повторно да се случат ако не бидат спречени. Сметаме дека интегритетот и чесноста на еден професор се од исклучителна важност, бидејќи тие често служат како пример и водич за студентите. Наведените лица ги прекршиле сите принципи на чесност, а нивното присуство во редовите на професорите ги компромитира основните вредности на академскиот интегритет“, наведе во соопштението Форумот за образовни промени.

Оттаму посочија дека ако не се дејствува, покрај ширењето на културата на корупција кај идните генерации, пораката што им се праќа на студентите е и дека успехот може да се постигне само ако се прекршат сите вредности, што сериозно го поткопува угледот на универзитетите и интегритетот на образовниот систем во земјата, оштетувајќи ја довербата на општеството во основните вредности на образованието.

 

Од оваа организација на 12-ти декември побараа од ДУТ да го одбие барањето на Груби за активирање на работниот однос.

„Форумот за образовни промени дознава дека Артан Груби побарал да му се активира работниот однос на Универзитетот во Тетово, а моментално е во процес на добивање звање доцент на Правниот факултет, насока новинарство. Бараме ова барање да биде одбиено, бидејќи освен како да се злоупотребуваат јавните средства и мешање во судството, Груби нема за што друго да предава“, посочија од Форумот за образовни промени.

Тие побараа и отпуштање на Кочо Анѓушев од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а од надлежните институции – да ги изгласаат измените на Законот за рестриктивни мерки. Според Форумот за образовни промени, тоа би овозможило воведување рестриктивни мерки во државата за сите кои се наоѓаат на американската „црна листа“, а забраната за вработување во образовните институции да биде една од мерките во тој закон.

 

Се ниша последното уточиште

Артан Груби во јуни минатата година изјави дека нема да бара апанажа и дека се враќа на Тетовскиот универзитет.

 

„Предавам на Тетовскиот универзитет, на Факултетот по новинарство. Работното место ми беше во мирување. Во партијата сум шеф на кабинетот на Али Ахмети и член на Претседателство и на Генералниот совет”, изјави тогаш за Слободен печат“.

 

Меѓународна потерница распишана за Артан ГрубиМеѓународна потерница распишана за Артан Груби

Меѓународна потерница распишана за Артан ГрубиФотографија: https://mvr.gov.mk/potragi-ischeznati/potragi

Од сите овие наведени позиции, засега е „жива“ само постапката околу неговото работно место, но не и извесноста дека истото ќе го задржи.

 

Претходно Груби веќе се изјасни дека се повлекува од јавниот живот за да не биде ничиј политички товар.

 

„Иако одлуката (за црната листа -н.з.) нагласува дека таа не е за осуда, туку за поттикнување на подобрување на однесувањето, јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничиј политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден“, објави Груби.

 

Во редот на „субјектите“ пред кои е чист, (Бог, семејството и пријателите) не ги наведе ни законите, ни високообразовната институција, а во фокусот го стави мирот на семејството, неговиот личен интегритет и поддршката за Али Ахмети

„Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети“, објави Груби.(dw)

Back to top button
Close