Египет

Почитувани читатели, денешната колумна ја пишувам инспириран од мојот престој во древниот Египет, а впечатоците со задоволство ги споделувам со вас

Желбата да ја посетам оваа магична земја, со најстара цивилизација и најмлада држава, која ја красат цивилизациски достигнувања во севкупниот живот на светско ниво, беше од мојата најрана младост.

Животот ме научи дека за да можеш да продолжиш во борбата за целите и идеалите кои што ги имаш поставено пред себе, треба да црпиш емотивни задоволства кои ќе те направат посилен и побогат со знаење.

Еве, ќе си дозволам да ве одморам од моите вообичаени колумни посветени на стечајот на Еуростандард банка – мојата единствена борба која ја водам во моментов за да дојдам до вистината за овој невиден злостор, направен од мојата сакана Македонија.

Отпатувавме во Египет со наши драги пријатели. Четири дена пловевме низ реката Нил, од Луксор до Асуан, а последните три дена ги поминавме во прекрасниот хотел ,,Хилтон” во Луксор. Египет, најбогатата ризница на древните цивилизации во светот, го осетив лично посетувајќи ги храмовите и велелепните архитектонски достигнувања, кои датираат илјадници години наназад.

Овој пат, при посетата на Египет ги прескокнавме местата Гиза и Каиро, кои што изобилуваат со пирамиди, сфинги, историски и митски животни приказни на многу династии од древната египетска култура, и се упативме на југ.

Нил, освен што се смета за света река е и светско чудо, низ течението на Нил денеска живеат над 112 милиони Египјани и поминуваат туристи чија што бројка надминува повеќе десетици милиони на годишно ниво. Нил е единствена река, според моите сознанија, која што по целиот тек низ Египет нема ниту една притока, а има илјадници делти кои што во основа значат живот.

При нашето крстарењето од Луксор до Асуан посетивме монументални споменици од едно богато минато, како што се Карнак во Луксор, долината на Фараоните и низа монументални зданија кои што Египет ги чувствува како наследство од Птоломеите, последната династија која владеела во Египет.

Откорнувањето на камените блокови од планините во Асуан, со тежина од 70-90 тони по еден камен, биле носени преку реката Нил до крајната дестинација. Со необјаснива перфекција обработувани и така поставени, до ден денеска после илјадници години делуваат божествено. Буквално без никакво поместување грандиозно му пркосат на времето и на сите современи архитектонски светски чуда.

Обелисците во монументалното здание Карнак тежат до 90 тони. Откопани од планините, носени со бродови и прецизно поставени во нивната функционалност, до ден денешен се енигма.

Прецизен одговор нема, има само магични анализи како постои вакво нешто и како можело да се случи во време кога денешните технолошки достигнувања во градбите не постоеле? Да се ископа 90 тони камен, да се пренесе по реката Нил, да се истовари на крајната дестинација и истиот камен да се исклеса и постави во состојба на неприкосновена прецизност и убавина?! Тоа е чудо!

Прашања за кои што сум убеден дека и денес светот не е во состојба да даде точен одговор. Токму тука лежи големината на древната Египетска култура, бидејќи секој период од нивното владеење е запишан во древните храмови, ризници на најголемото културно богатство во светот.

Во долината на фараоните до денес се пронајдени 64 богати гробници од кои што 24 се на фараони, а останатите 40 се на високи и заслужни функционери и граѓани кои што оставиле белег за промоција на нивната култура како: разни занаетчии, каменоресци, готвачи, древни инженери, а посебен пиетет имаат гробниците на луѓето кои што ги запишувале овие древни достигнувања.

Импресионира и објектот изграден од фараонката Хатшепсут во кој што детално е опишан и самиот чин на мумификација на секое починато тело. Јас и моите пријатели Македонци, малку се почувствувавме навредени од египетските водичи низ овие монументални археолошки остатоци, кои последната династија Птоломеј и нивната оставштина денес ја читаат како грчко наследство.

Јас и мојот пријател Наум кои ја сакаме древната историја, посебно македонската, остро се спротивставивме на поимот грчка култура, бидејќи во светската историја е познато дека Птоломеите биле македонска династија од каде, во време на освојувањата на големиот Александар Македонски, биле најдобрите негови генерали.

Семејството Птоломеи добиваат дозвола од Александар Велики да бидат управители со Египет во тие древни времиња.

Птоломеите важат за династија со широки погледи кон светот кои најдлабоко ги почитуваат древните традиции и култури на народите каде што владеат.

Свесни сме дека денес светот многу малку би знаел за древната грчка култура без македонската империја. Светот знае дека освојувањата на Александар Велики биле правени во име на државата Македонија .

Од ова патување научивме дека вистинската историја не секогаш е таа што ја читаме.

Нема да должам повеќе со историјата. Вистинските импресии кои ги доживеавме од комуникацијата со нашите домаќини Египјани, се многу силни и длабоко емотивни.

Како Македонци бевме многу почитувани од вработените и водечкиот персонал на самите бродови, како и во хотелот Хилтон во Луксор. Љубезноста пленеше.

Јадењата и пијалоците кои беа сервирани ги дегустиравме со чувство дека се наши, домашни. Прекрасно подготвени, сервирани со срдечни насмевки на лицата од нашите гостољубиви домаќини.

После ова патување по реката Нил во Египет се чувствувам многу побогат. Разбрав една работа, дека читањето на историјата има една прекрасна димензија, ама кога таа историја ќе ја почувствуваш во живо, тешко е само со зборови да се опише чувството на огромно задоволство. Времето поминато во ризницата на големите древни личности на древна цивилизација е богатство за секој поединец.

Денешниот Нил од искони се сметал за света река, ама кога ќе го почувствувате, тогаш дознавате дека е вистинско водено божество.

Порака до сите мои пријатели е кога ќе имаат можност да одат и да ја посетат оваа древна цивилизација. Токму тука се моите и ваши корени за она што денес го чувствуваме како живот.

Трифун Костовски

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close