Германска железница: Празни возови и неизвесна иднина

Веќе долго време расте незадоволството на редовните корисници и на повремените патници од состојбите во германската железница кои одвреме-навреме доаѓаат до израз преку разни куриозитети.

Се чини дека колку поскоро паѓа мрак и студ врз германската престолнина, толку посветло блескаат возовите на шините. Кон средината на неделава беше објавено дека железницата пушта празни возови да кружат ноќе околу Берлин. Берлинскиот дневен весник „Тагесшпигел“ повикувајќи се на „инсајдери“ пишува дека околу „пет или шест ИЦЕ возови без патници навечер кружат низ и околу градот“.

Причината за тоа е недостаток на шини каде би можеле да се „паркираат“ возовите. Берлин се наоѓа на далечниот североисток на Германија, многу од долгите дестинации завршуваат тука. Па така и многу утрински и вечерни линии почнуваат од, и завршуваат и во Берлин. Но, таму недостигаат шини за паркирање, а на останатите и ноќе има сообраќај, па така и ИЦЕ возовите кои всушност не се во употреба мора да останат во движење. Портпарол на Железницата за весникот вели дека тоа е „сосем нормална оперативна процедура“. Тагесшпигел известува дека Железницата се откажала од плановите за изградба на паркинг постројка јужно од Берлин заради протестите од жителите. Таква постројка и натаму е планирана за населбата Панков на северот од градот.

Премалку шини за паркирање за експресните возови на Дојче БанФотографија: Frank Hoermann/Sven Simon/picture alliance

Премалку шини, премалку машиновозачи

Бесцелното движење на возовите не чини само струја, туку и машиновозачи не се достапни за редовните патувања во текот на денот затоа што ноќе возат празни возови.

Така се заострува и веќе познатиот проблем од недостиг на персонал. Според весникот „Виртшафтсвохе“, Германскиот синдикат на машиновозачи, проценува дека ширум Германија има 1.200 слободни работни места од нивната струка и покрај фактот што според здружението „Алијанц про шине“ секоја година има илјада квалификувани работници вишок. Сепак, со оглед на плановите за пренасочување на поголем дел од сообраќајот кон железнички, во иднина ќе бидат потребни најмалку 5 илјади нови машиновозачи годишно.

Иако проширувањето на железничката мрежа и потрагата по квалификувани работници очигледно е тешка, во дигитализацијата има напредок.

Само дигитални планови за пристигнувањата?

На крајот на ноември, Железницата објави дека веќе нема да има распореди со времето на пристигнување од 15 декември годинава. Покрај жолтите возни редови кои го покажуваат времето на поаѓање од перонот, до сега има и бели возни редови со времето во кое возовите треба да пристигнат на станицата. Компанијата наведува дека сака да штеди на хартија и административни трошоци, па наместо печатени планови, ќе се прикажуваат QR-кодови со ажурирани информации за времето на пристигнување. Од Железницата во соопштението наведуваат дека „на патниците им се потребни веродостојни информации во реално време“.

Заминуваат во историја? Печатените возни планови на Дојче БанФотографија: Andreas Arnold/dpa/picture alliance

Тоа беше предмет на исмејување на социјалните мрежи, па еден корисник на Х пишува оти „има смисла, кога веќе возовите пристигнуваат по чиста случајност, или пак воопшто не доаѓаат“. Тоа се должи на фактот дека иако според Железницата возовите од неодамна се поточни, на долгите релации повеќе од едно на три застанувања сè уште не се навремени. За задоцнувањесе смета ако возот стаса шест или повеќе минути по закажаното време на пристигнување. Во меѓувреме дури и по неколку часа задоцнување веќе не се реткост.

Пресврт по критиките

Но, уште пред да се најде во програмата со долги скечеви за Дојче бан на кабаре уметници и комичари, Железницата изминатиот петок објави дека „ДБ реагира на критиките: печатените планови за пристигнувањето на возовите остануваат во употреба“.

Критичари тврдеа дека не секој што сака да пречека некого на железничката станица носи смарт телефон за да скенира таков код за информации.

Бројот на патници на Дојче Бан е зголемен речиси еден и пол пати од средината на 1990-титеФотографија: Christian Charisius/dpa/picture-alliance

Компанијата соопшти дека „сеопфатно ќе ја евалуира употребата на печатени медиуми на станиците“. Во консултација со лоби здруженијата потоа ќе се решава за обезбедувањето на аналогни распореди. Се чини парадоксално дека и покрај неволјите луѓето во патувања со воз значително порасна. Од 1990-тите бројот на патници со возови е зголемен за околу 50 проценти, а товарниот сообраќај речиси двојно се зголеми, а Железницата го зголеми и бројот на локомотиви и вагони. Но, мрежата на рути во истиот период е намалена за повеќе од десет проценти.

Но, сега прво доаѓа Божиќ. За да се врати угледот што Железницата некогаш го уживаше и надвор од границите на земјата, не блескаат само ИЦЕ на берлинските шини.

Железницата веќе шест месеци има програма за санирање која стартуваше по фудбалското првенство летово. Тогаш илјадници европски фудбалски фанови доживеаја на своја кожа што значат откажувања, доцнења и дефекти на возовите. Најдоцна тогаш проблемите на квази-монополистот го привлекоа и вниманието на меѓународната јавност. Дојче бан, смилувај ни се! (DW)

Back to top button
Close