Истражување во МКД: Утврдени сериозни нарушувања кај децата изложени на екрани

Живееме во информациско доба, а изложеноста на технологијата остава траги. Нашиот фокус ќе го ставиме на развојот на децата. Дали можеме да зборуваме за влијание на технологијата врз развојот на децата, нивниот говор, јазик и  комуникација воопшто?

Филипова: Живееме во време на технолошка револуција во кое имаме секојдневна експанзија на нови технолошки откритија кои би требало да нѝ го олеснат секојдневниот живот. Проблемот се јавува кога дигитализацијата станува замена за сѐ, посебно кога таа станува замена за природната стимулација на развојот на децата.

За да се развие говорот, јазикот и целокупната комуникација потребно е да постои добра биолошка основа, која детето ја носи со раѓањето, како и двигател од средината, односно добри и правилни стимулации од средината во која детето расте и живее.  Детскиот мозок е единствениот орган кој со раѓањето не е комплетно развиен и првите три години се од исклучителна важност за неговиот правилен развој, вклучително и за развојот на говорот и јазикот. Во тој период децата го истражуваат светот околу себе со помош на сензомоторикатa, односно со помош на сите сетила и учат искуствено. Без тие искуства детето нема да може адекватно да се справува со сите секојдневни предизвици, нема да развива адекватна комуникација со околината и нема да развива функционални знаења и вештини кои ќе му овозможат здрав развој.

Во текот на раниот развоен период детскиот мозок е чувствителен на позитивните влијанија, но во исто време е и на негативните влијанија. Екраните и другите електронски уреди можат да застанат на патот и да го забават детскиот развој, затоа што не го вклучуваат истражувањето, играта, интеракцијата со родителите и со другите луѓе во околината, односно не го вклучуваат сето она што го поттикнува учењето и здравиот психофизички и социјален развој на детето.

Кога децата ќе се изложат на екраните тие се пасивизирани, односно не се моторно активни и не добиваат правилни моторни стимулации кои се потребни за развој на грубата и фината моторика. Гледаат неповрзани слики обоени со јаки бои кои брзо се движат. Ваквите стимулации ги смируваат децата, им го одржуваат вниманието, но во исто време и ги престимулираат.

Според најновите истражувања, претераното изложување на децата на екраните ја менува структурата на детскиот мозок. Колку подолго детето е изложено на екраните толку промените во мозокот се подлабоки. Изложеноста на децата до три години се поврзува со појавата на задоцнет говорно-јазичен развој. Детето не може да развие функционален говор и се појавуваат проблеми во однесувањето и нарушувања во сензорната интеграција.

проф. д-р Силвана Филипова, логопед 

Дали оваа изложеност на технологијата и на екраните влијае на сензорната интеграција на децата? Што во суштина е сензорна интеграција и колку е таа битна за развојот на децата?

Галевска Јовчевски: Сензорната интеграција претставува невролошки процес во кој се организираат сензациите од сопственото тело и околината, и кој овозможува ефикасно користење на телото, соодветно на возраста и барањата на средината. Сензорната интеграција е начин на кој мозокот ги обработува информациите кои, постојано и во огромен број, во секој миг доаѓаат до нашиот невролошки систем, им дава значење и ги интегрира за ние да можеме да организираме адаптивни одговори во вид на движење, учење и однесување. Таа се заснова на седумте сензорни системи, од кои суштински се тактилниот (допир, притисок, болка, температура), вестибуларниот (промена на положбата на главата, рамнотежа и ориентација) и проприоцептивниот (положба и движење на телото). Сензорната интеграција е од суштинско значење за развојот и функционирањето на индивидуата бидејќи ги овозможува саморегулацијата, будноста, развивањето на моторните, говорно-јазичните и социјалните вештини, когнитивниот развој, учењето и академските постигнувања, емоционалната реактивност и однесувањето.

Раната и прекумерна изложеност на децата на технологијата и екраните негативно се одразува на сензорната интеграција. Дигиталните содржини нудат доминантно визуелни и аудитивни стимулуси (анимации со интензивни бои, слики кои брзо се менуваат и звуци кои го привлекуваат и задржуваат вниманието), а ги лишуваат децата од проприоцептивни, вестибуларни и тактилни дразби кои, всушност, се основата на искуствата, учењето и стекнувањето функционални вештини и способности. Визуелните и аудитивните дразби ги преплавуваат и престимулираат децата, па доаѓа до нарушување на способноста за фокусирање, зголемена емоционална реактивност и тешкотии во вклучувањето во активностите во реалниот свет кои се со побавно темпо. Присутен е ограничен и повторувачки опсег на фини моторни движења кои се сведуваат на лизгање на прстот по екранот, децата не се движат, нема имагинативна игра и играње со врсниците. Ова води и кон недостаток на социјална интеракција, а со тоа и ограничени можности за развој на говорот, комуникацијата и социјалните вештини.

Со дигиталните содржини децата создаваат очекување за брзо и непосредно задоволување на сензорните потреби, како и непредвидливост на наградите, а тоа, пак, доведува до намалено фокусирање и трпение на детето во ситуации кои бараат одложен одговор, како што е во структурираните активности и училницата. Сето ова води кон намалена толеранција, како и емоционални и бихејвиорални предизвици кај децата.

Прекумерното изложување на екраните создава зависност

Децата се изложени на екрани од најмалата возраст, уште во пелени. Токму за таа изложеност вие направивте истражување и до какви резултати дојдовте со него?

Филипова: Поттикнати од секојдневното соочување со оваа проблематика направивме истражување во кое беа вклучени 60 деца  кои биле изложени на екрани во просек по четири и пол часа дневно. Во зависност од возраста на која биле изложени на екраните ги поделивме во три групи: пред навршување на првата година, по навршување на првата година и по навршување на втората година. Резултатите покажаа дека изложувањето на децата на екраните во периодот пред првата година доведува до запирање на говорно-јазичниот развој, нарушување во социјалната комуникација и интеракција, нарушување во сензорната интеграција и нарушувања во однесувањето.

Изложувањето на екраните по навршување на првата година доведува до регрес во говорно-јазичниот развој и социјалната комуникација и интеракција. Децата кои веќе почнале да употребуваат зборови со значење и воспоставиле одредено ниво на социјална комуникација и интеракција почнуваат да не ги употребуваат зборовите и да губат интерес за интеракција, односно да се изолираат. Изложувањето на екраните после втората година доведува до успорување на говорно-јазичниот развој и појава на фонолошки нарушувања кои подоцна во училишниот период можат да доведат до потешкотии во читањето и во совладување на училишните вештини.

Резултатите од истражувањето покажаа дека посериозни нарушувања се јавуваат кај децата од првата и втората група кои биле изложени на екраните пред втората година, кај кои имаме застој во говорно-јазичниот развој, атипичен развој на вербалната комуникација, атипични сензорни профили кои се карактеризираат  со ниска регистрација, зголемени сензорни барања и поголема сензорна осетливост, дистрактибилност на вниманието, тешкотии во саморегулацијата, свесноста за сопственото тело и моторното планирање.

м-р Василка Галевска Јовчевски, специјален едукатор и рехабилитатор од ЈЗУ  Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација

Дали родителите се свесни за последиците од ваквата изложеност? Што кажува вашето секојдневно искуство?

Галевска Јовчевски: Родителите се сѐ повеќе свесни за негативното влијание на екраните, но не се доволно информирани за долгорочните последици од раната и прекумерна изложеност на екраните врз развојот на нивните деца, како и за препораките на стручните лица за ограничената и балансирана употреба на екраните во зависност од возраста на детето. Овде свое влијание имаат и навиките на самите родители и тоа што и тие поминуваат значително време пред екраните, и како реална потреба поврзано со нивната работа, но и за забава.

Исто така, за жал, родителите сѐ почесто ги користат екраните како замена за своето присуство, комуникација и интеракција со децата додека самите ги извршуваат своите работни и секојдневни животни обврски. Искуствата укажуваат и на тоа дека родителите ги користат екраните и како средство во системот на награди и казни за различни обрасци на однесување кај своите деца.

Дополнително, родителите добиваат и противречни пораки од општеството: од една страна, се охрабрува користењето на дигиталните содржини и технологијата во образовниот процес на децата, за учење и како средство за комуникација, па родителите ги сметаат за „неопходност“, а од друга страна стручните лица предупредуваат на опасностите, но не секогаш нудат конкретни алатернативи. И, на крајот, родителите се соочуваат со притисокот од самите деца, особено постарите, за кои игрите и социјалните медиуми стануваат важен дел од нивниот идентитет и тоа „да се биде во тек“ со врсниците.

Дали прекумерното излагање на екраните доведува до зависност?

Филипова: Екранизмот веќе подолго време претставува работен термин кој е присутен во поголем број стручни кругови (логопеди, дефектолози, психолози и други сродни професии)  и  се користи за означување на зависност од екраните и последиците од таа зависност како нарушување.

Секојдневното изложување на децата на екраните прекумерно го стимулира детскиот нервен систем, што може да доведе до хроничен стрес на мозокот и да предизвика разни нарушувања, па и дa доведе до создавање на зависност од истите.

Дигиталните уреди и содржини се дизајнирани да бидат привлечни, што може да предизвика прекумерна употреба и нарушување на секојдневните активности. Овде влијание имаат механизмите на награда, чувството на задоволство и оттука потребата за повторно користење, интерактивноста и со тоа постојаната ангажираност на корисникот, брзиот пристап до содржини, информации и забава, стравот дека „нешто ќе се пропушти“ и слично.

Прекумерното изложување на екраните создава зависност кај секого без разлика на возраста.

Како да ја препознаеме таа зависност? Кои се симптоми да ги бараме како знак за потреба од стручна помош?

Галевска Јовчевски: Зависноста од екрани може да се манифестира преку различни знаци и симптоми. Кај децата е присутна постојана желба за користење на уредите, дури и кога тоа не е соодветно. Тие губат интерес за други активности, дури и за такви во кои претходно уживале. Избегнуваат игра со врсниците надвор, не се заинтересирани за спорт и хобија, одбиваат да учествуваат во семејни собирања, дружења и слично, затоа што прекумерната стимулација од екраните прави останатите активности да им изгледаат здодевни и да не им причинуваат задоволство. Од своја страна, ова води и до ограничени социјални интеракции и социјална изолација.

Присутни се промени во расположението, проблеми во концентрацијата и зголемена емоционална реактивност, со појава на раздразливост, нервоза и агресивност кога на децата им се ограничува простапот до уредите, а неретко и користење со лаги и манипулации за да добијат повеќе време пред екраните. Децата ги запоставуваат семејните и училишните обврски, а со текот на времето детето ја губи самоконтролата и не може да го прекине користењето на екраните иако тоа му го нарушува секојдневното функционирање и е свесно за последиците.

Покрај ова, се забележуваат и негативни ефекти врз физичкото здравје на децата: нарушувања на спиењето и сонот (поради влијанието на сината светлина од екраните) и замор во текот на денот, проблеми со видот поради напрегањето на очите, проблеми во правилното држење на телото и болки во вратот, рамената и грбот, како и дебелина или слабеење на мускулната маса поради значително намалената физичка активност.

Не е дијагноза, но е функционално нарушување

Дали денес можеме да зборуваме за дијагноза екранизам? Дали екранизмот треба да го поврзуваме со формите на аутизам? Постојат ли разлики?

Силвана Филипова: Екранизмот сѐ уште не е посебна дијагностичка категорија, иако голем број на стручни лица бараат тој да биде опишан како посебна дијагностичка категорија. Па така, сѐ почесто екранизмот или зависноста од екраните се дефинира како функционално нарушување кое се карактеризира со голема потреба на мозокот од стимулациите од екраните на штета на учеството на детето во реалниот живот и комуникацијата со другите лица во живо.

Нарушувањето од аутистичен спектар, пак, претставува  невроразвојно нарушување кое се карактеризира со нарушување во реципрочните социјални интеракции, нарушување на комуникацијата и ограничен стереотипен образец на однесување и активности. Кај нарушувањето од аутистичен спектар присутни се: нарушување во социјалната интеракција и комуникација, дефицит во социо-емоционалниот развој, нарушување во вербалната и невербалната комуникација, стереотипни и повторувачки активности, рутини, крути и ограничени интереси, сензорни дисфункции, хиперфокус, поинаков когнитивен стил.

Екранизмот влијае на целокупниот развој било да се работи за дете, помлада или постара особа. Екранизмот доведува до побавен когнитивен развој, кој се однесува на побавно размислување, послабо памтење, побавен развој на имагинацијата и креативноста, сиромашен речник, послабо јазично изразување. Во училишната возраст се појавуваат потешкотии во учењето и следењето на наставата. Присутни се нарушувања на вниманието, промени во расположението, послаба самоконтрола, појава на вегетативни кризи при отстранување на екраните, апатија и неподготвеност за учество во реални активности, нарушување во спиењето, нарушување во меморијата, тикови, генерализирана анксиозност која постепено поминува во депресија. Најзначајна карактеристика на екранизмот е таа што го спречува развојот без разлика на возраста.

Децата кои што се изложени на екраните пред втората година во најголем дел ги манифестираат симптомите на нарушувањето од аутистичен спектар.

Дел од нив ќе се структурираат како деца со нарушување од аутистичен спектар, еден дел со помош на интензивен рехабилитациски третман со примена на поголем број на методи ќе успеат да ги надминат потешкотиите и да го надополнат развојното доцнење.

Кои се стратегиите за справување со овој проблем? Каква моќ имаме ние? Што да направиме?

Галевска Јовчевски: Најпрво, ние како возрасни и како родители со својот личен пример треба да придонесеме децата да создадат навика за урамнотежено користење на екраните, особено со нивно оставање настрана за време на семејните активности.

Родителите треба да ги почитуваат препораките за тоа дека децата на возраст под 18 месеци не треба да се изложуваат на екрани, на возраст од 18 до 24 месеци времето пред екран треба да биде кратко и родителите заедно со детето да гледаат квалитетни содржини, за деца од 2 до 5 години времето пред екран да биде ограничено на еден час дневно, а на возраст од 6 години и повеќе да има доследно ограничување на времето за користење на социјалните медиуми и други дигитални содржини.

Исто така, треба да се воспостават правила за „зони“и „периоди од денот“ кога е забрането користење на екрани во домот, како, на пример, за време на оброците или пред спиење. Дополнително, треба да се инсистира на активни паузи и на тоа, после времето поминато пред екран, детето да има физички активности, сензорни и други игри или спортување кои временски ќе траат онолку долго колку што траело користењето на екранот. Наместо пасивно гледање, родителите треба интерактивно да гледаат или споделуваат дигитални содржини со своите деца, а неопходно е практикување и на родителските контроли и филтри за несоодветните содржини.

Се разбира дека, доколку родителите не можат самите да се справат со прекумерната употреба на екрани од страна на нивните деца и последиците од истата, тие можат да побараат соодветна помош од стручни лица.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Ана Арсеновска Зафирова

Фотографии: Дарко Андоновски

Преземено од академскиот блог Республика.еду.мк

Back to top button
Close