Завршува новогодишната кошничка
Денеска е последниот ден од новогодишната кошничка со која речиси 1.200 производи се продаваа со намалена цена од најмалку 10%. Веќе од утре висината на цените ќе зависи од трговците, кои ќе проценат и одлучат дали и колкаво поскапување ќе има.
Ако се земе предвид трендот од пред новогодишната кошничка, цените беа во пораст. Вкупната инфлација мерена преку индексот на трошоците на животот во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, изнесуваше 0,3%, а во однос на храната, споредбено декември 2024 со декември 2023, раст на цените има во речиси сè: Најмногу кај минерална вода, безалкохолни пијалаци и сокови со поскапување од 15,8%, зеленчукот со 12,7%, кафето, чајот и какаото со 11,5%, зејтинот со раст од 11,7%, млекото, сирењето и јајцата со 7,5% и месото со раст на цената од 4%, говорат податоците на Државниот завод за статистика.
Засега од Владата има само апел да не се зголемуваат цените:
После завршувањето на новогодишната кошничка, еден апел до бизнис секторот да го задржат нивото на цени, бидејќи целта на самата кошничка беше и задржување на инфлацијата на едно стабилно ниво. Знаеме дека во текот на годината, комплетната инфлација изнесува 3,5%, односно во овие периоди кога имавме неприродно зголемување на цените на прозиводите, кога има зголемени трошоци, како што беше нова година и празниците, успеавме да ги стабилизираме цените во интерес на граѓаните, а на голем дел од тие производи и да бидат намалени, вели заменик министерот за економија, Марјан Ристески.
Според синдикатите и работничките организации не се доволни само ад-хок мерките, туку и континуирана работа на стандардот на граѓаните.
…