Во споредба со Севернокорејците, платениците на Вагнер беа деца

Индекс/Политико

Украинската безбедносна служба продолжува со испитување на двајцата севернокорејски војници, заробени во областа Курск. Во меѓувреме, украинските војници кои се борат во областа Курск ги опишуваат Севернокорејците – претходно наречени „топовско месо“, кои ќе „побегнат штом пристигнат на фронтот“ – како вешта, бестрашна и мотивирана пешадија.

„Тие се разнесуваат кога ќе видат дека им се заканува заробување, изјави за Политико полковник Јарослав Чепурњи, портпаролот на украинската армија.

Двајца севернокорејски борци кои во саботата беа заробени од украинската армија префрлени се во Киев на лекување. Војниците не зборуваат ниту англиски ниту руски, па украинските специјални служби соработуваат со Јужнокорејската разузнавачка агенција за да комуницираат со нив.

На 5 јануари беше започната контраофанзива во областа Курск

„Едниот од нив изрази желба да остане во Украина, а другиот сака да се врати во Кореја“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Да претпоставиме дека Ким Џонг-ун се сеќава на овие негови граѓани и дека може да организира размена за нашите војници, кои се во Русија. Во тој случај, ние сме подготвени да ги префрлиме овие војници. Без сомнение, ќе има уште воени заробеници од Северна Кореја“, рече тој.

Украинските елитни сили продолжуваат да се борат против руските и севернокорејските сили за да се задржат на дел од регионот Курск, што Киев го зазеде во ненадејна офанзива во август. Украинската војска почна уште една контраофанзива таму на 5 јануари.

Околу 12.000 севернокорејски војници, наводно, се вклучиле во борбата против Украина на страната на Кремљ кон крајот на октомври за да помогнат во протерувањето на Украинците од Русија. Оттогаш Киев изгуби околу половина од 1.250 квадратни километри што ги освои.

Околу 300 севернокорејски војници досега се убиени, а 2.700 се повредени во борбите против Украина, соопшти вчера јужнокорејската Влада во Сеул. Тешко е да се проверат бројките, бидејќи ниту Москва ниту Пјонгјанг директно не го потврдија учеството на севернокорејските сили во војната.

 

„Тие покажуваат психолошка отпорност“

Украинските војници тврдат дека севернокорејските борци се многу далеку од неискусно топовско месо. „Тие се млади, мотивирани, физички подготвени, храбри и добри во ракување со мало оружје. Исто така се дисциплинирани. Имаат се што е потребно за добар пешадија“, нагласи Чепурњи.

Јуриј Бондар, украински војник од 80-та посебна воздушно-десантна бригада, тврди дека севернокорејските војници имаат исклучителна физичка подготвеност и висок морал. Непријателот не се предава. Тие се елиминираат на ист начин, активираат граната покрај главата и толку.

Бондар, исто така, потврди дека Севернокорејците поседуваат исклучително високо ниво на вештина со малото оружје и дека успешно собориле „изненадувачки голем број“ украински беспилотни летала. „Покажуваат психолошка издржливост. Замислете, едниот трча и привлекува внимание, а другиот со насочен оган соборува дрон од заседа“, рече Бондар, тврдејќи дека потценувањето на непријателот секогаш доведува до пораз.

„Како што рече еден командант, во споредба со севернокорејските војници, платениците на Вагнер од 2022 година се само деца. „И јас му верувам“, заклучи Бондар.

Back to top button
Close