Контраспин: Кривична одговорност на прес-конференција не се докажува
Криминалот нема колективна одговорност, таа е индивидуална и секој е невин додека не се докаже спротивното. А партијата на власт, колку и да е упорна, кривичната одговорност не може да ја докажува на прес-конференции и однапред, туку низ институциите на системот
Пишува: Теофил Блажевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Левков на прес-конференција изнесе став во кој може да се препознае спин:
Спин: Филипче како прв човек на СДС треба да признае дека додека бил функционер во владата на СДС и ДУИ истата ги дозволувала криминалните активности на ДУИ.
Токму поради ова Филипче треба да помогне на правосудните органи во докажување на криминалот, бидејќи се претпоставува дека се минимум правно писмени и треба да знаат дека доколку не ги споделат информациите може да се сметаат и за соучесници.
Значи Филипче и СДС прво треба јавно да се извинат, да се оградат и да помогнат на правосудните органи во докажувањето на криминалните активности на ДУИ во период кога беа коалициски партнери.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Левков/прес; – датум: 13.01.2025]
Контраспин: Изјавите на пратеникот Миле Левков се извртување на вистината, т.е. спин, затоа што во државата не функционира систем на колективна, туку на индивидуална одговорност за сторен криминал. Впрочем, не е првпат владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што е над 6 месеци веќе во извршната и законодавна власт, речиси секојдневно да се однесува како партија кога беше во опозиција и со јавноста продолжува да комуницира со речник со заплашувања насочени кон своите политички противници, партиите од опозицијата, пред сè СДСМ и ДУИ, а тригерот сè уште е Артан Груби. Доволно е само да се погледне партискиот сајт во делот прес-конференции и соопштенија.
Дел од веб сајтот на ВМРО-ДПМНЕ/скриншот 14.01.2025
Така, дури и да е точна тезата на Левков дека Филипче како некогашен министер знаел за криминалите на ДУИ, како може да се фрла колективна вина врз целата влада? Исто како што е невозможно да се фрла вина и врз целата партија ДУИ поради обвинението за Артан Груби и Перпарим Бајрами, така е невозможно и невистинито дека во претходната влада сите знаеле „за криминалите на ДУИ“ и ги дозволувале, т.е молчеле.
Поради ова е спин и втората реченица на Левков, дека Филипче, т.е. во СДСМ биле правно писмени да знаат дека ќе одговарале за соучесништво доколку не ги споделеле информациите со органите на прогон за криминалите на ДУИ?!
Всушност Левков во јавноста настапува од позиција дека знае оти Филипче и сите други членови на владата од СДСМ знаеле дека членовите на ДУИ во владата прават криминал. По што произлегува дека цела влада била вмешана во организиран криминал и корупција и дека полицијата и обвинителството наскоро, на сите од СДСМ во поранешните влади ќе „им стегне“ кривични пријави и обвиненија за соучесништво во криминалот што го правеле овие од ДУИ, министрите и замениците министри, директори, итн…. Се разбира дека тоа е извртување на вистината и спинување. Зашто, да повториме, за криминалот нема колективна одговорност, таа е индивидуална и секој е невин додека не се докаже спротивното. А, партијата на власт, колку и да е упорна, кривичната одговорност не може да ја докажува на прес конференции и однапред, туку низ институциите на системот.
Извор: Вистиномер