Левица: Засрамувачки е што спикерот Гаши се обидува да спечали етнички поени со кршење на деловничките норми

Изјавите дека интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство е елементарно непочитување на Уставот и на законодавниот дом, како највисок орган кој врши контрола над работата над избраните и именуваните функционери, реагира Левица за игрите и толкувањата по изгласување на интерпелацијата на Даути од Европскиот фронт.

,,Интерпелацијата за пратеничката од Алијанса за Албанците беше изгласана со апсолутно мнозинство од страна на пратениците, односно со 61 пратеник, што директно ја имплицира тежината на политичката одлука. Доколку апсолутно мнозинство од 61 пратеник е доволно дури и за изгласување на недоверба на влада, нејасно е како одредени политички чинители свесно го деградираат Уставот и изјавуваат дека ова мнозинство не е доволно за разрешување на претседател на собраниска комисија”, велат од Левица.

Левица очекува пратеничката Даути да ја демонстрира својата политичка одговорност и да го сочува својот интегритет како пратеник во Собранието, со тоа што ќе го испочитува усвоениот Заклучок во Собранието, каде јасно е прецизирано дека Даути, како претседател на собраниска комисија, го прекршила Деловникот на Собранието.

,,Во спротивно, Левица е подготвена да иницира предлог за разрешување до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со која претседава пратеникот од редовите на ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски. Очекуваме владејачкото мнозинство да го предложи ваквиот издржан предлог на Левица, со цел заштита на законодавниот дом од самоволието на одредени политички чинители.Воедно, со цел да ги разјасниме неуставните толкувања во јавноста, потенцираме дека правните норми се јасни: владејачкото мнозинство преку собраниската комисија има правна можност и обврска да ја разреши Илире Даути, доколку таа продолжи да го крши Деловникот и не си поднесе оставка од функцијата претседател на комисијата. За Левица, Илире Даути со изгласаната интерпелација е разрешена од претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Засрамувачки е што спикерот Гаши и неговата партија се обидуваат да спечалат етнички поени врз кршење на законските и деловничките норми и продолжуваат со деструктивните политики каде што застана ДУИ”, велат од Левица

Back to top button
Close