Алијанса бара казни за маскираните на Вевчанскиот карневал кои го иронизираа нападот врз Села на „27 април“
Алијансата за Албанците реагираше на настаните од Вевчанскиот карневал каде што дел од маскираните василичари го иронизираа и исмеваа нападот во Собранието врз лидерот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, на 27 април 2017 година.
Потпретседателот на АА, Исен Шабани денеска во изјава за медиумите рече дека „исмејувањето на трагедијата од 27 април на Вевчанскиот карневал е сериозна провокација која мора да биде казнета“.
АА побара од надлежните органи да ги казнат овие постапки, кои не само што го засегаат претседателот на партијата, туку потсетуваат на еден трагичен момент за сите граѓани.
„На Вевчанскиот карневал ја видовме грдата и сериозна поставка на која беше прикажан терористички акт обид за атентат врз Зијадин Села по повод 27 април 2017 година. Разбираме фолклор и сатира, но не и такви грди дела, затоа ги повикуваме надлежните органи да ги казнат овие постапки“, рече Шабани.
Претходно во текот на денот со реакција се јавија и од ДУИ. Велат дека Вевчанскиот карневал е опасна провокација за мирот и стабилноста.
-Незамисливо е вака сериозен настан, кој шокираше многу граѓани и зад себе остави сериозни последици по животот на поединци, да биде искористен како предмет на потсмев и омраза на јавен настан. И покрај тоа што овој чин се случи пред очите на институциите и јавноста, никој не реагираше, не осуди, ниту презеде мерки за да се спречи нормализирање на омразата и насилството, рекоа од партијата на Ахмети за креирањето на маските поврзани со настаните од 27 април.
На 27 април 2017 година при упадот во Собранието, најтешко повреден беше Села, кој имаше отоци на мозокот од повредите и ударите што ги доби од демонстрантите кои го влечеа низ собраниските ходници