Откако протестите ги нарече “малициозни и политички мотивирани”, владата го повикува УПОЗ на разговор
Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор за изнаоѓање решенија. Во спротивно, останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која одработува за нечии партиски интереси и за собирање ситни политички поени на грбот на граѓаните, соопшти Владата.
Владата потсетува дека е отворена за постигнување договор со сите синдикални организации преку дијалог. Како што нагласува, протестите не се најдобриот начин на комуникација, а секој предлог или сугестија од синдикатите се дискутира за да се изнајде решение прифатливо и во интерес на граѓаните.
-Протестите се малициозни и политички мотивирани. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека сме подготвени да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое учествува и на кое секогаш сме дискутирале за сите предизвици, одбра да протестира. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност. Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор се со цел вистинско изнаоѓање на решенијата. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси кои не мислат ништо друго освен собирање на ситни политички поени на грбот на граѓаните, наведува Владата.
Според Владата, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.
-Минатата година и покрај катастрофална состојба што ја наследивме, заедно со синдикатите постигнавме договор за покачување во здравството и образованието, а ги покачивме и пензиите на над 300.000 пензионери линеарно. Претходната Влада при подготовка на Буџетот за 2024 година не предвидела средства за исплата на К-15 на вработените во администрацијата, при што со ребалансот на Буџетот оваа Влада истите ги предвиде и исплати К-15 за 84.000 вработени во вредност од 1 милијарда денари. За шест месеци како Влада направивме многу повеќе за граѓаните од тоа што го направи претходната Влада за 7 години. Владата останува посветена во носење на одлуки во интерес на сите граѓани и зголемување на платите на вработените, но најдобар начин за изнаоѓање на решение на проблемите и различните ставови е преку разговори, истакнува Владата.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски денеска изјави дека секој обид од страна на Владата или политичките партии да докажат дека има политика во протестите или работата на Синдикатот, ќе биде залуден.