Деаноски: Ако Владата сакаше дијалог, досега ќе бевме седнати на маса и немаше да бидеме на улица
Прашан дали има притисоци за вработените да не излегуваат на протестот, Деаноски рече дека такви случаи има во некои министерства, но оти во Државниот завод за статистика тоа не е случај
Владата наместо да пишува соопштенија и да негира се што ќе кажеме ние, а не е воопшто во право, треба да најде начин како да го реши овој проблем. Ако Владата сакаше дијалог досега ќе бевме седнати на маса и немаше да бидеме на улица. Ова го изјави денеска претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, на третиот ден од протестот на вработените во шест министерства и две институции кои бараат зголемување, односно додаток на нивните плати од 30 проценти.
Изјавата на Деаноски доаѓа откако од Владата вчера преку писмено соопштение, кое беше испратено по одржаниот полчасовен протест на вработените, рекоа дека се подготвени да седнат на маса и да ги разгледаат сите предлози од страна на синдикатите за да се постигне договор.
Според Деаноски, до сега ги завршиле сите средби со ресорните министри од каде добиле поддршка и направени се колективните договори, но како што рече, тие не се потпишани.
„Тоа значи дека ниту ресорните министри во моментов немаат сила да потпишат колективен договор иако нема никаква законска ниту уставна пречка за тоа“,рече Деаноски кој денеска изјавата ја даваше пред зградата на Државниот завод за статистика каде протестираа вработените од оваа институција.
Владата останува на ставот дека протестите се политички мотивирани и го повикува УПОЗ на разговор
Деаноски информираше и дека до денеска 988 вработени во сите инспекторати во државата се уште немаат добиено плата за декември.
„Поради доцнење на Министерството за финансии, кое навремено не си ги презеде своите обврски, а согласно законските измени, остави 988 вработени без плата, без вратени кредити, без платени сметки во најдолгиот месец. Вчера истече и законскиот рок за исплата на плата и се уште нема информација кога и дали вработените во инспекторатите ќе ги добијат своите плати“,рече Деаноски.
На прашањето како ќе продолжат од утре, за кога рекоа дека ќе биде последниот ден од протестите, Деаноски рече дека денеска ќе имаат состанок со членовите од синдикатите што излегуваат на протести и ќе одлучиме како ќе продолжиме и дали ќе прземеме некои поинакви мерки.
Прашан дали има притисоци за вработените да не излегуваат на протестот, Деаноски рече дека такви случаи има во некои министерства, но оти во Државниот завод за статистика тоа не е случај.
„Тука пред ДЗС има голем број вработени и тука нема никаков притисок дури и имаме добар однос и соработка со директорот. Во некои министерства има притисоци, меѓутоа ќе одлучиме дали ќе кажеме кој и како прави притисоци“,рече Деаноски.
За тоа дали има најава за одржување на седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), за што вчера од Владата рекоа дека УПОЗ учествува, Деаноски рече дека засега нема.
„Она што го кажа Владата вчера дека УПОЗ доаѓа на седница на ЕСС е точно, учествуваме, меѓутоа мора да се знае дека на седница на ЕСС не може да се разговара за прашања за плати на вработени во ДЗС, министерства. На седница на ЕСС се расправа и се решава за покрупни прашања како Општ колективен договор или висина на минимална плата. Овие барања на вработените што излегуваат на протести се решаваат или со ресорни министри и директорот меѓутоа со согласност од Министерството за финансии да ни дозволи да си ги користиме средствата што ги имаме во буџетот“рече Деаноски.
Вработените во овие министерства и институции веќе трет ден излегуваат на полчасовен протест пред зградите. Протестите ќе се одржуваат неделава од 11 до 11:30 часот, а во петок вработените ќе излезат на протест пред Министерството за финансии.