Дрин Ахмети демантира дека е виден во „ролс ројс“ од 400 илјади евра, бара извинување од „Вреди“
Лажно и неосновано е тврдењето дека неодамна сум виден како возам „ролс ројс“ со кичевски регистарски таблички, вреден 400 илјади долари. Ова обвинение е безобразна измислица, за која нема факти, ниту докази. Ова е денешната реакција на Дрин Ахмеди, внук од братот на Али Ахмети, кој до медиумите испрати писмено соопштение на англиски јазик по повод последните обвинувања од коалицијата „Вреди“ дека неодамна бил виден како вози автомобил марка „ролс ројс“ со кичевски таблички во вредност од 400 илјади долари.
Бара од коалицијата „Вреди“ да обезбедат јасни докази, како фотографии, записи од регистарски таблички, извештаи од очевидци или каква било друга легитимна документација со која ќе може да се потврди нивното тврдење.
„Ширењето вакви невистини е штетно за мојот углед, но се создава и лажна слика во јавноста. Барам итно повлекување на вашата изјава и формално јавно извинување. Ако не го сторите тоа на време, не ми оставате друг избор освен да ги следам правните чекори“,пишува Ахмети.
Внукот на Ахмети вели дека неодговорно и неетички е да се шират неосновани изјави во обид да се одвлече вниманието од какви било недостатоци и неуспеси на владејачката коалиција.
Ги повикува „Вреди“ да се фокусираат на конструктивен дијалог и фактички дискурс наместо да прибегнуваат кон тактики за оцрнување.
„Верувам дека коалицијата ‘Вреди‘ ќе ја препознае сериозноста на овој случај и ќе преземе итни чекори за да се поправи ситуацијата. Останувам посветен на заштитата на мојот интегритет и нема да се двоумам да ги повикам на одговорност оние што намерно шират лажни изјави за мене“,вели Дрин Ахмети.
Коалицијата „Вреди“ утрово излезе со соопштение, во кое, меѓу другото, посочи дека внукот на Ахмети, Дрин, е виден со бел „ролс ројс“ со кичевски регистарски таблички, вреден 400 илјади долари.
„Станува збор за внукот на Али Ахмети, ‘суперинтелигентниот‘ млад човек за кој Обвинителството побара помош и од САД за неговите сомнителни финансиски трансакции“,велат од коалицијата.
Оттаму посочија дека живееме во земја во која политичарите и нивните семејства промовираат луксузен живот, додека граѓаните пресметуваат како да се справат со своите трошоци до крајот на месецот.
„За среќа, оваа ера заврши со промена на власта. Нема повеќе политичари кои можат да се збогатат преку ноќ. Нема повеќе среќни внуци како Дрин Ахмети. Нема повеќе чичковци како Али Ахмети кои им овозможуваат на своите внуци да поседуваат трговски центри и да возат автомобили од 400 илјади долари“,пишува во соопштението од „Вреди“.
Дрин Ахмеди, внук од братот на Али Ахмети, Фекри, во 2023 година стана сопственик на бизнис-центарот „Соравиа“ во Скопје.“
Тој од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“.
Инаку, Дрин е косопственик и на фирмата „Еверест ЏД“ која има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Буковиќ“ во Зајас.