Папата Франциско падна, ја повреди раката

Папата Франциско утрово падна во својата резиденција и ја повреди десната рака, но се помина без скршеници, соопшти Ватикан.

Поглаварот на Католичката црква, кој во декември го прослави 88-от роденден, е само повреден, а раката превентивно му била имобилизирана.

Според написите во медиумите, папата Франциско во последните години се соочи со низа здравствени проблеми, а ова е негов втор пад во последните неколку недели. На почетокот на декември се појавил со голема модринка на брадата, откако во текот на ноќта паднал и удрил во ноќната маса.

Тој исто така користи инвалидска количка од 2022 година поради проблеми со подвижноста предизвикани од болки во колената. Но, во својата автобиографија „Надеж“, која неодамна ја објави, тврди дека е во добра здравствена состојба и ја исклучува можноста да се повлече од функцијата. Тој, сепак, признава дека „реалност е едноставно дека сум стар“, пренесува CNN.

Тој изјавил и дека на почетокот му било непријатно да користи инвалидска количка, но додава: „Староста никогаш не доаѓа сама и мора да ја прифатите таква каква што е“.

„Црквата се води со глава и срце, а не со нозе. Јас земам физиотерапија два пати неделно, користам бастун, правам што повеќе чекори и продолжувам понатаму“, вели верскиот поглавар, пишува медиумот.

Back to top button
Close