Тошковски: Полицискиот службеник направил кардинална грешка со пропуштањето на Груби на граничниот премин


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 проговори и за полицискиот службеник на граничниот премин кој не го проверил екс вицепремиерот Артан Груби дека се наоѓа на мерка „стоп“ и го пуштил непречено да излезе од државата.

„Одделот за внатрешна контрола утврди дека направена е кардинална грешка од полицискиот службеник којшто требало да го запре, да го легитимира, да извести и да постапи по мерки од неговиот надреден во насока на напатствијата коишто ги дало Јавното обвинителство.“, порача Тошковски.

Како што вели, веќе е поднесена кривична пријава против полицискиот службеник којшто дозволил да се случи ова.

„Поднесена е кривична, постапено е од страна на Министерството, не е крив пајакот како на времето“, додаде Тошковски.

Во однос на камерите на граничниот премин, Тошковски вели дека било само обид за дефокус од страна на опозицијата.

„Точно е дека „боди“ камерата на полицискиот службеник не работела и точно е дека отпочната е дисциплинска постапка во однос на надредениот којшто требало да се грижи оваа камера да работи, но точно е и дека од излезот на лицето кое што требало да биде на стоп листа, а не било стопирано имаме видео запис и тоа чист“, додаде Тошковски.

Back to top button
Close