Пронајдени пердуви и крв во моторите на авионот во кој загинаа 179 луѓе
Истражителите пронашле птичји пердуви и крв во двата мотори на авионот Џеџу Ер што се урна во Јужна Кореја на 29 декември, изјави за Ројтерс лице запознаено со истрагата.
Боингот 737-800, кој полета од главниот град на Тајланд, Бангкок, за округот Муан во југозападна Јужна Кореја, слета на стомакот и се лизна од пистата на регионалниот аеродром, при што се запали откако удри во бетонска конструкција.
Вкупно 179 луѓе загинаа во најтешката воздушна несреќа на јужнокорејска територија. Преживеаја само двајца членови на екипажот во опашката на авионот.
Пилотите ѝ кажале на контролата на летање дека авионот претрпел удар на птица и прогласиле вонредна состојба четири минути пред да се урне.
Две минути пред да биде објавен повикот за помош, контролата на летање издаде предупредување за „активност на птици“ во областа.
Инспекторите на почетокот на овој месец соопштија дека во еден од моторите на местото на несреќата биле пронајдени пердуви, додавајќи дека на видео снимката се гледа како птица удира во моторот.
Министерството за транспорт на Јужна Кореја одби да коментира дали во двата мотори се пронајдени пердуви и крв