Нема предвидливост во меѓународната политика 

Играјќи игри на наративи, новата власт, преку министeрот за надворешни работи, изјавува дека државата сака да напредува во евроинтеграциите, и притоа ја подвлекува заедничката посветеност кон европската цел со претседателската и со премиерот. Истиот оптимизам за новата 2025, беше искажан и на неговата средба со амбасадорите од ЕУ земјите членки акредитирани во Скопје. Ваквиот оптимизам нема основа во ништо реално туку во самиот себе. На инаугурацијата на новиот американски претседател, нашата делегација, поголема и поразновидна одошто се најавуваше, ќе бара поддршка од новата администрација за реализирање на оваа наша цел. Ако пред изборите тогашната опозиција не сакаше да му го открјат планот за ревидирање на „францускиот предлог“ на високиот американски дипломат О’Брајан, на 20 февруари ќе мора.

И сега се прашувам: кога нашата држава не успеа да најде заеднички јазик со Америка во времето на администрацијата на Бајден, која се гордееше со својот мултилатерализам и посветеноста на евроатлантскиот сојуз, како мисли тоа да го оствари со администрација која, со својата „трансакциска“ дипломатија, се заканува да ја растури Европа? Моментот за поддршка беше пропуштен тогаш, во времето на девизата „еден за сите сите за еден“. Сега, доаѓа време на девизата „секој за себе“.Ако е точно дека интересите а не симпатиите ги условуваат постапките на државите, а ние ја ставиме Америка во позиција да бира, во која насока мислите дека покажува американскиот интерес – кон Македонија или кон Бугарија?

Значи, новата власт ќе мора да ги отвори картите и да го обелодени планот, за Америка да знае за што се бара поддршка, кога веќе нивниот („францускиот предлог“) не го прифаќаат македонските политичари. Што бараме и кој е планот разбираме од интервјуто на новиот министер за надворешни работи Муцунски за „Телма“. Од она што слушнав, планот бил оној стариот – со „одложено дејство“. Притоа, на ЕУ и порачуваме: Ако имаате друга идеја која ќе нуди предвидливост ние сме подготвени да дискутираме, да анализираме, па да се консултираме со експертската заедница, да направиме поширок круг, како општестево, да ја вклучиме опозицијата, да го вклучиме невладиниот сектор. Да не дозволиме таа грешка што се направи во минатото, без вклучување на сите соодветни чинители во државата. Да видиме како општество за нас дали е прифатливо вака да се движиме…Тука се и малцинствата во Бугарија… Ете, приближно така звучи нашиот план од устата на новиот министер за надворешни.

Значи, покрај „широка дебата во општеството“, новата надворешна политика бара предвидливост од ЕУ: гаранции дека нема одново да бидеме блокирани во евроинтеграцискиот процес како што бевме од Грција 25 години и од Бугарија изминативе нешто повеќе од 5 години. Или вкупно 30 години стоење во место! Има ли воопшто некаква смисла и натаму да се влечкаме, се прашувам. Сите ни велат дека нема такви гаранции во меѓународните односи, ама ние и натаму бараме нешто што не постои. Да си блокиран како држава 30 години и да не ја научиш ни првата лекција: дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки а не да ги задоволуваат барањата на апликантните, е просто неверејатно. Се согласуваме само кога фактите одат во наш прилог, друго не прифаќаме.

Но, има уште нешто. Да се манипулира со незнаењето на јавноста (вклучувајќи ги и новинарите) дека претходната извршна власт ги прекршила демократските правила кога го склучила договорот со Бугарија и го прифатила „францускиот предлог“ без поддршка на опозицијата е измама. Во сите демократски држави, извршната власт, како што веќе сум напишал, ги склучува меѓународните договори кои, подоцна, ги одобрува (ратификува) или не ги одобрува парламентот. СДСМ и ДУИ постапиле согласно нивните убедувања за тоа која е најдобрата надворешна политика за државата. Опозицијата, на гласање во парламентот, не прифатила, а потоа на избори, граѓаните ја поддржале новата политика и тука запира дебатата. Никакви предавства,никакви глупости. Всушност, никакваа грешка нема да биде ако ВМРО-ДПМНЕ го реши проблемот со ЕУ и решението, без да ја консултира, го стави пред опозицијата на одобрување во парламентот.Всушност, тоа и се очекува од влада – да предлага политики и да води.

 

Денко Малески

 

Back to top button
Close