Тешко се крши мразот за остварување на еколошка правда – секоја година околу 3.828 смртни случаи поради загадување

Неколку месеци по донесувањето на начелниот став на Врховниот суд, кој се очекуваше да ги отвори вратите за полесно остварување на еколошката правда, до Управниот суд не е поднесена ниту една нова тужба. Соопштението на највисокиот суд од 8 октомври 2024 година дека на граѓаните сега им се отвора патот да ја тужат државата и да бараат надомест на штета, кај многумина пробуди интерес. Граѓаните се консултирале со невладините организации и здруженија која е постапката којашто треба да се изоди за да се тужат институциите поради енормно загадениот воздух којшто ги труе жителите на поголемите градови во Северна Македонија. Но, конкретни чекори за да се тропне на вратите на Управниот суд засега нема.

Невладините организации и здруженија, пак, кои веќе се обиделе во неколку постапки да дојдат до еколошка правда, незадоволни од исходот пред македонските судови, разврска бараат пред Судот во Стразбур. Од тамошниот епилог зависи понатамошната судбина на предметите.

Тужби имало претходно – ама се одбиени

Битката да се задолжат надлежните државни органи да ги донесат сите потребни документи од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, но и да поведат спор против државата во управна постапка, ако им е загрозено здравјето, трае веќе подолго време. На адресата на судовите изминатите години пристигнувале различни иницијативи во кои се бара одговорност од Владата, министерствата, инспекторатите, но без успешен епилог.

Според информациите од Управниот суд, доставени на барање на Дојче веле, во текот на 2020 година по поднесени предлози за заштита поради незаконско дејствие од страна на граѓани, биле заведени 11 судски предмети. „Сите предмети се правосилно завршени и предлозите на предлагачите за заштита поради незаконско дејствие на премиерот, министерот за животна средина и просторно планирање, директорот на Инспекторатот за животна средина, Владата и Министерството за животна средина, се одбиени како неосновани“, велат од Управниот суд.

Врховниот суд, во жалбена постапка, донел решенија со кои жалбите на предлагачите се одбиени како неосновани, а решенијата на Управниот суд се потврдени. Овие постапки, иако се поднесени во текот на  2020 година, откако беше донесен новиот Закон за управните спорови, се водени по стариот закон за управните спорови.

судија
На адресата на судовите изминатите години пристигнувале различни иницијативи во кои се бара одговорност од Владата, министерствата, инспекторатите, но без успешен епилог. Фотографија: Fotolia/uwimages

Тужби за неколку градoви

Невладините организаци и здруженија, по различни основи се обидувале да тужат со цел да дојдат до еколошка правда. Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во јули 2019 година поради континуираното аерозагадување поднесе тужба пред Граѓанскиот суд во Скопје против Владата, Министерството за животна средина и Градот Скопје за утврдување на повреда на правото на здрава животна средина.

Со тужбата се барало да се утврди дека тужените ги повредиле правото на здравје, правото на здрава животна средина, правото на приватност на личниот, семејниот живот и правото на неповредливоста на домот затоа што од периодот од 2007 до 2018 година не преземале неопходни мерки и активности во согласност со законските должности за справување со аерозагадувањето и редуцирање на ПМ-10 и ПМ-2,5 честичките во воздухот.

„Како еколошко Здружение на млади правници имавме поднесено околу шест тужби од 2019 година па наваму – две поради аерозагадувањето во Скопје и во Битола пред граѓанските судови, а во 2021 година пред Основниот суд во Струга во врска со дивата депонија. Имаме поднесено и две тужби пред Управниот суд за недонесување на планови за управување со речни сливови, како и за неподготвување на водостoпанска основа како еден од стратешките документи согласно Законот за водите“, вели за ДВ, Бојан Трпевски од МЗМП.

Суштината била судот да утврди дека се повредени човековите права, пред сѐ правото на здрава животна средина коешто е заштитено со Уставот, во член 43 и правото на здравје и правото на приватност на личниот и семејниот живот согласно Европската конвенција за човековите права.

Согласно Уставот, секој човек има право на здрава животна средина, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата, а државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

„Но, судот сметаше дека така како што сме ја поставиле тужбата – сме барале утврдување на факти, а не утврдување на правен однос оштетен-штетник и поради тоа ги отфрли тужбите. На тој начин неуспешни беа сите наши напори“, објаснува соговорникот на ДВ.

Скопје, загадување
Согласно Уставот, секој човек има право на здрава животна средина, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата, а државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Заштита на уставно загарантираните права

Во сличен период Центарот за правни анализи (ЦПИА) и адвокатското друштво ,,Гоџо, Кичеец и Новаковски”, поднесуваат предлози пред Управниот суд за заштита на уставно загарантирани права. Тие беа иницијална каписла за донесувањето на начелниот став на Врховниот суд што беше усвоен во октомври минатата година.

„Ги инициравме постапките во 2019 година по стариот закон, а другите ги одбија според новиот, по што ги вративме во Врховен суд со барање за повторно одлучување. Не можат за едни да бидат мајка, а за други маќеа“, вели Никола Јовановски од ЦПИА.

Тие бараат судот да ѝ наложи на државата да донесе Национален план за намалување на последиците од загадениот воздухот, бидејќи последниот е донесен пред осум години. Со неговото неносењето се загрозува правото на здрава животна средина. Тужбите биле адресирани на конкретна адреса – Владата и надлежните тела кои треба да ги донесат овие документи и не била побарувана штета.

„Во денешно време надомест на штета е многу тешко да се бара и тешко е да се докаже, поради што одбравме тужбите да ги поднесат физички лица од најзагадените општини“, вели Јовановски.

Последниот Национален план за заштита на амбиентниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање е за периодот од 2013 до 2018 година.

депонија, отпад
Се загадуваат реки, се труе воздухот, се расфрла градежен и пластичен отпад каде што ќе се стигне. Фотографија: picture alliance/JOKER

Мали казни – огромно загадување

Според анализите на Центарот, 33% од кривичните дела од областа на животната средина, кои биле процесуирани во периодот од 2021 до 2024 година –  се однесуваат на незаконит риболов, 30% на мачење животни, 19% на узурпација на недвижности, 11% на пустошење шума и само 7 проценти на загадување на животната средина.

Во однос на казнената политика – 56% добиле условна осуда, 33% парични казни, 7 % казна затвор, а 4 проценти поминале со судска опомена.

Статистичките податоци покажуваат дека во 2022 година се донесени 95 пресуди за кривични дела против животната средина. Во 2023 година, бројот значително се зголемил на 162 пресуди. Овие податоци ги вклучуваат пресудите за случаи иницирани во претходни години, што ја покажува комплексноста на процесите.

Со измените на КЗ од септември 2023 година, воведено е кривичното дело Екоцид, што претставува пресвртница во борбата против еколошките злосторства. Казните за ова дело опфаќаат затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор за сериозни и долготрајни штети на животната средина.

„Кога ги преброивме делата коишто се однесуваат генерално на загадување на животната средина, тие се многу малку процесуирани, а имаме огромно загадување на секој чекор. Очигледно имаме проблем – или во делот на изнаоѓање и реагирање веднаш од страна на МВР и инспекторатот, или лошо процесуирање од страна на Обвинителството или пак можно влијание врз судовите за да се процесираат како прекршоци, а не како кривични дела. Не можат казните да бидат толку ниски – тие во најголем дел се условни и се до 500 евра, што е смешно за степенот на загадување што го имаме на секој чекор“, укажува Јовановски.

Битката на ова здружение за нивните предмети продолжува пред Вишиот управен су , каде што се очекува Врховниот суд да ги врати предметите. „Сметаме дека донесениот начелен став од Врховен суд дека е задолжителен за сите“, вели нашиот соговорник.

Судот во Стразбур
Има многу пресуди на Судот за човекови права во Стразбур кои токму повредите на човековите права ги гледаат низ призма на загадувањето на животната средина. Фотографија: picture-alliance /imageBROKER

Правен предизвик

Секоја година во Северна Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во земјата е поврзан со загадениот воздух. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови. Институциите имаат извештаи за пораст на број на респираторни болести низ годините, но тие не даваат насока која би била причината за тоа.

Според Трпевски, најголемиот предизвик кога се подготвуваат тужбите за загадувањето е правниот основ по кој може да се поведе тужбата. „Па така, во различни постапки имаме искористено различни членови од Законот за парнична постапка, односно Законот за облигационите односи. Сметаме дека по тие основи апсолутно може да се одлучува и да се утврди дека државата или институциите со непостапување довеле до тоа да се повредат правата на граѓаните“, дециден е Трпевски.

Но, она што е најголем предизвик е што во секоја судска постапка мора да се утврди причинско-последична врска помеѓу тој што го повредил правото, односно тужениот и граѓанското право. „Кога се подготвуваа тужбите за Скопје, Битола и за Струга, имавме предизвик да најдеме вештак кој ќе ја утврди каузалната врска и дека непостапувањето од страна на државата довело до повреда на човековите права“, вели Трпевски.

Дури и во постапка кога се бара отштета треба да има вештачење. „Повторно треба да се утврди тој каузалитет и дополнително треба да се утврди и износот на претрпената штета. Оттука овие практични предизвици се најголемата пречка на некој начин за да се покрене постапка на суд“, велат правниците.

Зошто досега никој не покренал постапка?

Дел од постапките кои ги покренале здруженијата се или во тек, се чека одлука по жалба или се пред судот во Стразбур.
„Чекаме од Стразбур да одлучи дали ни е повредено правото на пристап до суд и правото на фер судење и дали можеби нашите судови би требало да се вклучат во расправање на суштината на тужбата“, вели Трпевски.

Што се однесува до постапките поведени пред Управниот суд, иако се однесуваат на водите, во прв степен се отфрлени, но здружението поднело жалба до Вишиот управен суд и сѐ уште чека одлука за нив. „Можеби тука би можело да се види практично како би се применил начелниот став на Врховниот суд“, заклучува нашиот соговорник.

Додека да се скрши мразот за остварување на еколошката правда, судиите во Управниот суд се наоѓаат пред предизвик како да ги применуваат препораките на Врховниот суд. „Сегашниот закон е поприлично ригиден во тој дел и надлежностите на управното судство се точно утврдени. Судиите веројатно ќе треба малку поекстензивно да ги толкуваат тие основи по кои можат да постапуваат“, посочуваат правниците.

Има многу пресуди на Судот за човекови права во Стразбур кои токму повредите на човековите права ги гледаат низ призма на загадувањето на животната средина. Здруженијата досега се имаат повикувано на повеќето од нив.  (DW)

Back to top button
Close