Роднините на израелските заложници го потврдуваат планираното ослободување

Роднините на тројцата израелски заложници кои треба да бидат ослободени од Појасот Газа подоцна денеска, како дел од договорот за прекин на огнот, потврдија дека очекуваат ослободување на жените, според израелските медиуми.

Роми Гонен, Емили Дамари и Дорон Штајнбречер, сите израелски цивили, треба да бидат ослободени од заробеништво во текот на денот, потврди и Форумот на семејства на заложници.

Израелската војска соопшти дека не знае кога ќе бидат ослободени тројцата заложници, велејќи дека е подготвена да ги прими.

Војската соопшти дека верува дека денеска ќе бидат ослободени три жени заложнички од централниот дел на Појасот Газа, објави „Тајмс оф Израел“.

Се очекува Хамас да ги предаде трите жени на Црвениот крст, кој потоа ќе им ги предаде на специјалните сили на израелската армија во Појасот Газа.

Заложниците потоа ќе бидат однесени во воен објект поставен во близина на границата – на првични прегледи, а потоа во болница, пред да се спојат со нивните семејства.

Израелската војска утринава ги затвори маршрутите во пограничната област на Појасот Газа за да ја заштити приватноста на заложниците за време на ослободувањето.

Прекинот на огнот договорен во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас стапи на сила денеска во 11:15 часот по локално време (09:15 часот по Гринич), соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во соопштението се наведува дека тројца заложници кои Хамас ги држел во Газа денеска ќе бидат ослободени по 14:00 часот по Гринич.

Прекинот на огнот требаше да стапи на сила рано утринава, но Израел го одложи неговото спроведување бидејќи Хамас не му ги достави имињата на заложниците кои требаше да бидат ослободени денеска.

Забележано е дека за седум дена ќе бидат ослободени уште четири заложнички.

Back to top button
Close