Јаневска: Се бориме против купувањето дипломи
Тоа е една многу сериозна ситуација кога низ целата држава се зборува дека на одредени универзитети или факултети, без оглед дали се јавни или приватни се купуваат дипломи, односно студентите не го стекнуваат квалитетот на знаење кое треба да го стекнат. Кога ќе се појават неколкупати или воопшто нема да се појават се стекнуваат со диплома. Меѓутоа, кога се обидувате да добиете релевантни информации, се разбира дека ниту тој што продал, ниту тој што купил ќе застане тоа јавно да го каже. Но, докази за неквалитетот на одредени дипломи гледаме секојдневно на луѓето кои се вклучени во различни работни процеси. Во администрацијата, зошто нив ги нема во приватниот сектор секако, или на некој други работни позиции“ , изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во своето обраќање на денешната панел дискусија, каде се дебатираше на тема „ Подобрување на образованието“.
Јаневска во својот говор објасни дека Министерството за образование и наука врши сериозен мониторинг на работата на факултетите, се со цел да запре процесот на издавање на дипломи несразмерно на реалната вредност и создавање на лажен идентитет. Оттука, Јаневска истакна дека преку алатките кои ги имаат на располагање постапуваат секаде каде имаат пријава за нерегуларност во работа.
„Оттука, докажувањето на ова е малку тешко и прилично сериозна и макотрпна работа. Меѓутоа, има и други можности преку кои ние прво би се обиделе, а потоа во следен чекор и со сигурност би го запреле овој процес. Тоа значи сериозно мониторирање на работата на факултетите или универзитетите, преку алатките кои во моментот ни се достапни тоа да го правиме. Тоа значи дека во моментот го користиме Државниот просветен инспекторат и законските можности кои се дадени во Законот за државен просветен инспекторат, Законот за високо образование и Агенцијата за квалитет во високото образование. Правиме силни напори секаде каде имаме пријава дека се случува нешто нерегуларно да постапиме и постапуваме. Државниот просветен инспекторат во изминативе шест месеци постапил во 1400 предмети што е огромна бројка“ , објасни Јаневска.
Јаневска дополнително образложи дека е потребен одреден временски период за целосно да се извршат реформи во образованието. Имено, нагласи дека во иднина ќе се настапува уште поригорозно, со крајна цел да не се дозволува во иднина оние кои реално вложуваат енергија во образование и се градат интелектуално да ја напуштаат државата.
„Потребно е уште малку време, јас постојано кажувам дека во образование ништо не може да се направи од денес за утре. Треба уште малку време да го заокружиме целиот овој процес, за да можеме после тоа и поригорозно да постапуваме, а ќе постапуваме затоа што доколку дозволиме вакво нешто да се продолжи во иднина, ние ќе имаме се помалку образовани кадри во државата, а оние коишто ќе бидат подобро образовани ќе ја напуштаат државата. Проблем со кој во моментов се соочуваме“ , децидна е Јаневска.
Јаневска го произнесе својот став по однос на законските измени во образованието, односно колку се очекува подобрување на образованието во целост. Објасни дека законот е променлива материја, додавајќи дека доколку нешто е добро може да се регулира, ако е спротивно може да се промени. Дополнително испрати јасна порака дека се потребни суштински промени за подобрување на образованието.
„Законската регулатива е многу важна и добро е да имаме добри закони, но она што е подобро е да ги имплементираме. Затоа во овој период министерството за образование и наука се фокусираше на законски решенија кои се можни за имплементација. Затоа што познато е дека имаме и многу стратегии и закони кои се добри кога ќе ги погледнеме, но кои за жал во нашата земја не се имплементираат или не може воопшто да се импплементираат. Оттука, водевме многу грижа, да она што го правиме можеме и да го спроведеме“ , објасни Јаневска.
Јаневска даде одговор на прашањето дали е можно УКИМ да се врати во првите 1000 универзитети на Шангајска листа. Јаневска е децидна дека не постои причина зошто да не е можно истото. Објасни дека со трпение и труд на наставен кадар како и поставување на заеднички цели во високото образование може да се постигнат резултати.
„Јас сум непоправлив оптимист и по природа амбициозен човек. Со заеднички цели секако ќе можеме, нема причина зошто не би можеле. Има причина во начинот на кој тоа го правиме. Интелектуалци, истражувачи, научници во цел свет се исти луѓе. Тие не се разликуваат по нешто, освен по условите во коишто работат и можностите коишто државата им ги нуди, вклучувајќи ги и законските решенија за да се постигнат тие цели“ , заклучи Јаневска.