Осум загинати и седуммина повредени во пожар во дом за нега на стари лица во Белград

Осум лица загинаа, седум се повредени, а 13 се спасени во пожар што утринава избувна во дом за стари лица во населбата Велики Борак во белградската општина Бараево. Во моментот на избувнувањето на пожарот во објектот имало 30 корисници.

.Пожарот бил пријавен во 3:32 часот утринава, а екипи на Секторот за вонредни ситуации веднаш биле испратени на местото.

Началникот на Секторот за вонредни ситуации на српското Министерство за внатрешни работи, Лука Чаушиќ вели дека во домот имало 30 лица.

Седум повредени, како што вели тој, со возило на итна медицинска помош биле пренесени на Военомедицинската академија (ВМА) и во Ургентниот центар.

Чаушиќ вели дека сè уште се истражува дали може да има некој преостанат извор што би можел да предизвика натамошен пожар. Причината за пожарот, вели тој, ќе се утврдува во наредните часови.

Тој додаде дека домот за стари лица се наоѓа далеку од прометните патишта, но противпожарните екипи брзо пристигнале и на повредените им била укажана помош во рекордно време.

Според министерот за труд и социјала Немања Старовиќ има сомневања дека пожарот бил подметнат.

Тој во изјава за РТС вели дека домот за стари лица имал важечка лиценца и сите потребни барања за заштита од пожари.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ вели дека дежурен јавен обвинител спроведува истрага на местото на пожарот.

Тој додава дека постојат основи за сомнение дека пожарот го подметнал еден од жителите на домот, кој и самиот настрадал.

„Наредена е обдукција на жртвите од пожарот и се утврдуваат сите околности на овој случај, по што белградската полиција ќе одлучи за понатамошните чекори“,изјави Стефановиќ.

Back to top button
Close