Прекумерната употреба на парацетамол може да биде смртоносна

Научниците предупредуваат дека постарите лица треба да бидат претпазливи при честа употреба на парацетамол, поради поврзаноста со сериозни состојби како се внатрешно крварење и хронични заболувања на бубрезите. Голема анализа што ја спровеле научниците од Универзитетот во Нотингем, открила дека постои поврзаност помеѓу употребата на овој лек за болка и проблемите со варењето, срцето и бубрезите.

Студијата, која 20 години го следела здравјето на повеќе од половина милион лица постари од 65 години, открила дека оние на кои им бил препишан парацетамол двапати за шест месеци, биле изложени на особено висок ризик од компликации.

Во споредба со контролна група на истата возраст, лицата кои често користеле парацетамол имале повеќе проблеми како чиреви на желудникот, срцева слабост, висок крвен притисок и хронично заболување на бубрезите. Дополнително, поголеми дози на парацетамол ја зголемуваат веројатноста од пукање или крварење на желудечни чирови.

Парацетамол често им се препишува на постарите лица за ублажување на симптомите на хронични болести, како што се артритис и остеопороза. Според истражувањата, дури 90% од лицата постари од 75 години редовно го земаат парацетамол, најчесто поради болки во зглобовите и коските, како и последици од падови.

Професор Веја Жанг, епидемиолог од Националниот институт за биомедицински истражувања на Универзитетот во Нотингем, советува пациентите внимателно да ја разгледаат зачестеноста на употребата на овој лек. „Парацетамолот како прв избор за долгорочни болки кај постарите лица, како оние предизвикани од остеоартритис, треба внимателно да се разгледа“, изјави, додавајќи дека истражувањата покажуваат дека има минимален ефект во ублажување на болката.

 

Промени во препораките за лекување на остеоартритис

Во 2022 година, Националниот институт за здравство и нега (NICE) ги промени насоките за лекување на остеоартритис. Лекарите се советуваат прво да препишуваат програми за вежбање, наместо парацетамол, бидејќи малку е веројатно дека тој ќе биде ефикасен. Исто така, се препорачува користење на противвоспалителни креми заедно со вежбање.

Иако парацетамолот долго време се сметал за поблаг за желудникот од нестероидните противвоспалителни лекови како што е ибупрофен, некои истражувања сугерираат дека при високи дози може да предизвика иритација, што доведува до болки, гадење и повраќање.

Научниците сѐ уште не се целосно сигурни зошто парацетамолот може да предизвика проблеми со бубрезите, но некои истражувања сугерираат дека лекот може да создаде токсини кои ги оштетуваат клетките на бубрезите. Исто така, веќе долго е познато дека високите дози на парацетамол можат сериозно да го оштетат црниот дроб. Прекумерната доза е водечки причинител на акутно оштетување на црниот дроб во западните земји. Прекумерните дози можат да го преоптоварат нормалниот механизам на црниот дроб за обработка на лекот, што доведува до создавање токсични соединенија кои ги оштетуваат клетките и предизвикуваат неуспех на црниот дроб.

Една студија од 2017 година покажала дека оштетувањето на црниот дроб предизвикано од парацетамол е слично на оној што го предизвикуваат алкохолот и хепатитисот.

Некои истражувања ја поврзале долгогодишната употреба на парацетамол со зголемен крвен притисок. Тоа би можело да биде затоа што многу пациенти користат растворливи верзии на лекот кои содржат високи нивоа на натриум, што го зголемува ризикот од скокови на крвниот притисок.

Препорачаната максимална дневна доза на парацетамол за возрасни лица е две таблети од 500 mg четири пати дневно (вкупно осум таблети во 24 часа). Лекарите предупредуваат дека предозирањето со овој лек е „едноставно“, бидејќи многу луѓе комбинираат различни производи што содржат парацетамол, како лекови за настинка и грип, и губат контрола врз дозата.

Д-р Кенет Симпсон, специјалист за болести на црниот дроб на Универзитетот во Единбург, истакна дека кај некои пациенти се јавува „постепено предозирање“ поради повторена употреба на малку поголеми дози од препорачаните во текот на неколку дена. „Штета се акумулира со времето и ефектот може да биде фатален“, предупреди. (Трн)

Back to top button
Close