Трамп потсетува на Милошевиќ и на Туџман

Една надеж и еден страв се надвиснати над Америка и над светот. Надежта е дека новоизбраниот претседател на Америка ќе и стави крај на војната во Украина. Стравот е од неговите диктаторски амбиции.

Дека војната не може да се заврши за 24 часа е јасно секому. Дека тоа не е можно ни за шест месеци како што навести Трамп, допрва ќе се види. Она што е можно е да престане убивањето на еден фронт кој потсетува на рововската Прва светска војна и во кој смрт најдоа повеќе стотици илјади луѓе од двете страни на линијата на судирот.

Имено, без американска финансиска и воена помош воената машинерија ќе запре. Потоа, долг е патот до мирот.

Максимум што може да се очекува сега е „замрзнат конфликт“ ала оној кој ја подели Кореа на два дела во педесеттите. САД и и европските сојузници би биле задоволни со поделба на Украина на две сфери на влијание и членство на остатокот од Украина во НАТО и во ЕУ, но Русија не отстапува од барањето тој дел од државата да се разоружа и да стане неутрален. Лавров порачува дека Русија ја отфрла идејата за „замрзнат конфликт“ и бара целосно решение со меѓународно признавање на четрите освоени области како составен дел на руската федерација. Едно е сигурно: руската агресија врз Украина ја затру политичката атмосфера во Европа за децении нанапред. Сигурно е и дека нема брз и лесен излез од кризата која го доведе светот до работ на нуклеарна војна. Сега, сите надежи се дека Доналд Трамп ќе и стави крај на војната или поточно, ќе му стави крај на убивањето „замарзнувајќи“ го конфликтот.

Украина е уништена земја. Од оваа војна треба да се извлече поука за тоа колку треба да внимава слабата држава да не биде приклештена во битката за моќ помеѓу големите сили. И не само сега кога тие се практично во војна, туку и утре кога ќе склучат мир. На една средба во ОН, претседателот на Танзанија Џулијус Њерере го сподели со нас искуството на темата „големи и мали“. Сите сте слушнале за африканската поговорка дека кога се борат слоновите страда тревата, рече. Сега сакам да ви кажам дека тревата страда и кога слоновит водат љубов.

Ќе бидам диктатор само еден ден, изјави Трамп во текот на изборната кампња. Големиот страв во Америка е дека токму тој ден новиот претседател ќе ја извади војската на улица и ќе тргне во остварување на еден опасен потфат: собирање и депортација на милиони емигранти без валидни документи. Чинот најблизок до прогласување воена состојба во земјата Трамп би го сторил повикувајќи се на Insurrection Act од 1807, слабо елабориран сојузен закон кој го овластува претседателот на САД да ја употреби американската војска и трупите на Националната гарда во ситуации какви што се граѓански немири,бунтови или востанија. За тоа колку би траела оваа воена состојба и како би се одвивала, се знае малку.

Но, ако при една непријатна средба со мала група демонстранти пред Белата куќа,во неговиот прв мандат, Трамп го прашал обезбедувањето дали би можеле да им пукаат во нозе на оние што протестираа, што ли може да се случи во една акција во која милиони луѓе ширум Америка би се ловеле и би се ставале во логори за да бидат депортирани во други земји.

Во моите мемоари, Милошевиќ и на Туџман, кои можев одблиску да ги анализирам на масата на Конференцијата за Југославија на почетокот од деведесеттите, целите напнати и црвени во вратот и во лицето, ги споредив со вулкани кои само што не експодирале. Трамп како да е нивна копија: непријатен, непредвидлив и избувлив „вулкан“, црвен во вратот и лицето, токму како што ги паметам двајцата „југословенски“диктатори. Новоизбраниот американски претседател, кој со невидена храброст прими куршум од атентатор и пркосно повика:„Fight, fight, fight!“, кој до денешен ден не признава дека иборите со Бајден биле фер, кој вети дека ќе ги помилува напаѓачите врз Конгресот, дека има готови листи на непријатели со кои ќе се пресмета, дека го сака Гренланд, Панамскиот канал и Канада, некој кој за мнозина во Америка и во светот е „вон контрола“, денес станува најмоќниот човек на светот.

Застрашувачка е комбинација на авторитаризам, национализам и непристојност во личноста на новиот американски претседател со можната масовна употреба на војската во внатрешните работи на една демократска држава. Дали и како ќе ја употреби таа сила е прашање пред кое треперат мнозина Американци но трепери и светот. Се плашам од „Рајхстаг моментот“, наводно изјавил генерал Мили, пред пет години.

Во меѓувреме, пред портите на освоениот замок на власта, се собираат Трамповите приврзеници кои се дојдени по своето. Раководени од девизата „Оваа победа е наш мандат“, десничарски групи кои го поддржуваа Трамп во кампањата, со „Проектот 2025“ во рака, сега бараат исполнување на конзервативната агенда.

Проектот е дело на десничарскиот „тинк-тенк“ Фондацијата Херетиџ, и опфаќа повеќе од 100 конзервативни организациии. Испишан е на 900 страници и во него стои дека Америка треба да се разбуди, дека со земјата владее безаконие и хаос, дека конзервативците мораат веднаш да ја превземат власта и да ја сочуваат коклку што можат подолго за да го исправат бродот што тоне. Спремни сме да поддржиме влада која ја става Америка на прво место, порачуваат од егзалтирана десница. Што се однесува до левицата, конзервативците повикуваат на перманентна битка со неа зашто таа никогаш не мирува и секогаш ги саботира нивните успеси.

Во политичка смисла, една опасно запаллива смеша, налик на толпите пред Конгресот, се истура по улиците на Америка. Да веруваме во моќта на американската демократија и да се надеваме дека ова не е оној Трамп од првиот мандат. Некој рекол дека и возрасни луѓе може „да пораснат“.

Денко Малески

 

Back to top button
Close