Дел од Скопје од утрово е без парно – училиштата ја прекинаа наставата, апелираат до родителите да си ги земат децата

Од ЕСМ Снабдување со топлина преку соопштение објавено на нивната веб-страна информираат дека поради зголемини загуби во топлификациската дистрибутивна мрежа ќе има намален квалитет во испораката на топлинска енергија. Во соопштението не е наведено до кога граѓаните ќе бидат без парно греење

Голем дел од жителите на Скопје од утрово остнаа без парно греење. Парно немаат оние што живеат во општините Аеродром, Кисела Вода, Карпош и Центар. Но, млаки им се радијаторите и на жителите во другите делови од главниот град.

На социјалните мрежи граѓаните на Скопје се жалат дека радијаторите им се ладни и дека се приморани да ги вклучуваат клима-уредите за да ги затоплат своите домови.

„Од утрово радијаторите се млаки, а од пладне се комплетно ладни. Парно немаме со часови и не знаеме ниту кога ќе добиеме. Немаме никаква информација“,пишува жителка на Кисела Вода на Фејсбук.

Дополнително прашува дали овој недостиг на парно греење ќе се одрази на сметката за овој месец.

Основните училиштата во општина Аеродром поради немање парно ја прекинале наставата и побарале од родителите да си ги земат децата.

„Ни се јавија дека нема парно и дека мора да си ги земеме децата од градинка и училиште, а ние сме на работа. Требаше навреме да бидеме известени за ваквата состојба“,реагираат родители чии деца учат во училиштата во скопски Аеродром.

И градинките и училиштата во скопски Карпош апелираат до родителите да си ги земат децата.

Од ЕСМ Снабдување со топлина преку соопштение објавено на нивната веб-страна информираат дека поради зголемини загуби во топлификациската дистрибутивна мрежа ќе има намален квалитет во испораката на топлинска енергија.

„Екипите на Дистрибуција на топлина се на терен и активно работат на изолирање на проблемот, со цел да се воспостави стабилен хидрауличен режим во системот и нормализација на стабдувањето со топлинска енергија. Се користат сите расположливи ресурси, а екипите преземаат засилени мерки и вложуваат максимални напори за што побрзо да има редовно снабдување со топлина до потрошувачите“,се вели во соопштението од ЕСМ Снабдување.

Оттаму посочуваат дека за дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075400100.

Back to top button
Close