Коцевски тврди дека обвинителството уште чекало од Бугарија одговор за сертификатот на Христовски од АНБ?

На прашање дали Обвинителството го истражува сертификатот за англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, како и за голем број други спорни сертификати за кои се зборуваше во јавноста, обвинителот Коцевски одговори дека за предметот со Христовски чекаат одговор на барањето што е доставено до Бугарија за меѓународна правна помош.

Како што појасни, барањето до колегите од Бугарија е дали сертификатот е издаден од надлежен орган односно школа, институција или некоја установа која во моментот давала такви сертификати и била регистрирана.

– Во однос на сертификатите, и министерот за внатрешни работи изјави дека по негово сознание има околу 500 сертификати кои наводно биле фалсификувани. Што се однесува за лицето што го спомнавте, и за тој предмет до бугарските надлежни органи доставено е барање за меѓународна правна помош, штом го добиеме, ќе постапиме и ќе се донесе јавнообвинителска одлука – изјави Коцевски.

Во  врска со истрагата за струмичкиот бизнисмен за кој во последното соопштение ЈОРСМ информираше дека УЈП не нашло неправилности, Коцевски одговори дека не може да споделува детали со јавноста затоа што се работи за предистрага и, како што рече, не може да биде соопштено повеќе од даденото соопштение од Обвинителството.

На прашање како го коментира тоа што на собраниска комисија е негативно оценет Годишниот извештај на Советот за јавни обвинители и дали смета дека петтемина членови во Советот кои ги избира Собранието треба да поднесат оставка од морални причини, Коцевски одговори дека тоа не може да го коментира зашто тоа, рече, е став на Советот и е нивна морална обврска дали ќе поднесат оставка.

Back to top button
Close