Указот на Трамп за укинување на правото за државјанство по место на раѓање оспорен од 18 сојузни држави

Главните обвинители на 18 сојузни држави поднесоа тужби за блокирање на извршната уредба потпишана од претседателот Доналд Трамп според која се укинува правото за добивање државјанство по место на раѓање на деца од недокументирани родители.

Според познавачите, потегот на соујзните држави претставува почеток на една долга правна борба околу имиграциските политики на администрацијата на Трамп.

Тужбата, поднесена во Федерален окружен суд во Масачусетс, беше поддржана и од градовите Сан Франциско и Вашингтон, округ Колумбија.

За државите, обидот на Трамп да го ограничи правото на државјанство по место раѓање е „прекумерен и екстремен“,  изјави државниот обвинител на Њу Џерси, Метју Џ. Платкин, кој ја води правната иницијатива заедно со главните обвинители на Калифорнија и Масачусетс. „Претседателите се моќни, но тој не е крал. Тој не може да го пречкрта Уставот со еден потег на пенкало.“

Вчера, во првите часови од својот втор претседателски мандат, Трамп потпиша низа уредби меѓу кои е онаа според која децата родени од недокументирани имигранти повеќе нема да можат да станат државјани на САД. Наредбата би се применувала дури и на деца родени од мајки кои во САД дошле легално но престојуваат во земјата привремено, како што се странски студенти или туристи.

Извршната наредба на Трамп тврди дека децата на такви лица без државјанство не се „под надлежност“ на САД и затоа не се опфатени со уставната гаранција на 14-тиот амандман.

Според познавачите, уредбата е во спротивност со над 100 годишната историја на американското право, според која судовите и извршната власт толкуваат дека 14-тиот амандман е гаранција за државјанство за секое дете родено во САД, без оглед на правниот статус на родителите. Исклучок се само децата на акредитирани дипломати.

Back to top button
Close