ДСЗИ бара дисциплинска постапка за здравствените работници и стручен надзор во прилепската болница по смртта на близначињата

По вонредниот инспекциски надзор во прилепската болница, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе бара спроведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на новороденчињата близначиња што починаа на 16 јануари.

Во наодот на Инспекторатот се вели дека ќе биде издадена и наредба за задолжително известување на надлежен Центар за социјални работи во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител или старател се спротивставени, а за што од страна на ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка.

Новороденчиња близначиња починале во Прилепско, биле во тешка здравствена состојба

Од ДСЗИ велат дека до министерот за здравство ќе иницира постапка за стручен надзор над работата на здравствената установа согласно Законот за здравствена заштита.

Инспекторатот констатирал дека кога на 10 јануари мајката со потпис на свое барање заминала од болницата со новороденчињата предвреме родени на 30 декември и со мала тежина, болницата не го известила Центарот за социјални работи.

Ќе се врши вонреден инспекциски надзор во прилепската болница по смртта на новороденчињата близначиња

Од страна на докторите било инсистирано мајката да остане во болницата сè додека бебињата да имаат целосно адаптирање, но во извештајот се вели дека таа инсистирала на испис.

Мајката, се додава во извештајот, била испишана со препорака за доење на бебињата, давање витамин Д3 и контрола на педијатар поради малата тежина.

Од прилепската болница велат дека ќе биде формирана внатрешна комисија која ќе го испита случајот.

Близначињата, како недоносени, биле родени спонтано на 30 декември 2024 година, во 34-та гестациска недела. Првото новороденче, машко, било со родилна тежина од 1 970 грама, а второто, женско, со тежина од 1 780 грама.

Новороденчињата биле испишани од болницата на 10 јануари.

На 16 јануари близначињата починаа, а според лекарите од прилепската болница тие биле премрзнати.

Близначињата што починаа биле премрзнати, велат од прилепската болница

Тој ден, во 10:45 часот на Одделот за детски болести било донесено женското новороденче кое како резултат на премрзнување било во тешка здравствена состојба.

Откако било примено, се додава во соопштението, веднаш била преземена интензивна медицинска интервенција. Бебето било реанимирано и интубирано, поставено во топли ќебиња, а и дополнително се затоплувало. Но, и покрај тоа, додаваат од болницата, состојбата на бебето продолжила да се влошува, а во 13 часот била констатирана смртта.

За машкото новороденче, од прилепската болница велат дека од истите причини – премрзнување, било починато во домот на семејството.

Back to top button
Close