Израел предлага во Украина да испрати руско оружје запленето во Либан
Израелската заменичка-министерка за надворешни работи Шарон Хаскел предложи во Украина да се испрати руско оружје што Израел го запленил во Либан, соопшти украинската амбасада во Тел Авив, јави украинскиот весник на англиски јазик Киев Индипендент.
Хаскел го дала предлогот на вчерашниот состанок со украинскиот амбасадор во Израел, Евгениј Корнијчук.
Израел почна копнена офанзива во јужен Либан против проиранскиот екстремистички Хезболах во септември минатата година.
Тема на разговор меѓу израелската дипломатка и украинскиот амбасадор била воената соработка меѓу Иран и Русија, која според украинскиот весник претставува безбедносен ризик за двете земји. Москва и Техеран неодамна го официјализираа своето партнерство со потпишување стратешки договор на 17 јануари.
Украинскиот амбасадор и се заблагодари на Хаскел за предлогот, нагласувајќи ја важноста од препознавање на заедничките закани со кои се соочуваат Израел и Украина.
Украинската амбасада изрази надеж дека иницијативата ќе вроди со плод, нарекувајќи ја важен чекор во зајакнувањето на соработката.
Иран и достави на Русија илјадници дронови од типот Шахид и балистички ракети со краток дострел, оружје кое често се користи во нападите врз украинските градови.
Украина го поддржува Израел и изрази солидарност со земјата по смртоносниот терористички напад на 7 октомври од страна на екстремистите на Хамас од Газа во јужен Израел.