Нападнати инспектори од Град Скопје, Арсовска објави фотографија од напаѓачите, обвинувајќи дека МВР не постапува
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави дека МВР не постапува по пријава за напад на инспектори кои работат во градската администрација. Според градоначалничката, напаѓачите се уште се на слобода. Оттаму таа побара од граѓаните на Скопје да го пријават настанот.
„Добар ден Министерство за внатрешни работи, би сакале да Ве информираме дека лицата кои пред извесно време им нанесоа тешки телесни повреди на инспекторите од град Скопје поради кои нашите вработени завршија во Ургентен центар, лицата кои извршија насилие со физички напад со метални шипки бидејќи беа фатени за креирање депонија и нејзино палење на улица Скупи, сè уште се на слобода.
Истата банда која повеќе пати е затекната во вршење на дела со кои ги загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните, си продолжуваат со своите активности континуирано дополнети со насилство и закани. Било кој друг да е фатен за истиве дела до сега експресно ќе беше изведен пред лицето на правдата и со судска пресуда казнет за тоа што не труе секој ден.
Бидејќи по официјални пријави не се постапува, ги повикувам сите скопјани да го пријават настанот и да побараме правда“, стои во објавата на социјалните мрежи на Арсовска.
Во изминатата година, градот Скопје има изречено казни во вредност од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица, кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот, соопштија неодамна од Одделението за односи со јавноста при Град Скопје.
Еден од вработените кои настрадале, вели дека инцидентот се случил пред три месеци а тој и неговите колеги на ул. Скупи биле нападнати од толпа на 30-тина луѓе со метални шипки, палки и други предмети.
„Не нападнаа од сите страни само затоа што си ја вршевме должноста на објект од јавен карактер каде тие со узурпација си стопанисувале. Собирале секундарни суровини, палеле кабли и паркирале товарни моторни возила со кои дејствуваат секаде по градот. Некако успеавме да се извлечеме со возилото до бензиската пумпа,каде по пријава од други наши колеги дојдоа полициски службеници од Полициската сатаница Карпош и од Итна медицинска помош. Дадовме изјави пред полиција и не упатија на понатамошно лекување. Случката е пред три месеци а ние до ден денес немаме повратна информација за преземени мерки против сторителите, а тие си работат и пустошат по градов без санкции. Бараме под итно да се превземат мерки од страна на МВР и надлежните судови, сторителите да се изведат пред лицето на правдата и да одговараат за стореното. Можеби тогаш ќе се воведе ред против сите што го загадуваат градов“,вели Милан Пантиќ, вработен во инспекторатот на Град Скопје.
Арсовска: Само градскиот инспекторат си ја врши работата, другите никаде ги нема
Арсовска забележува и дека само Инспекторатот на Град Скопје постапува според законските обврски иако во градот има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да делуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните меѓу кои Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот градежен инспекторат, инспекциските служби на 10-те општини во град Скопје.
„Град Скопје во минатата година поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани. Инспекторите на Град Скопје продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните“,вели Арсовска.
Во изминатата година, како што укажува таа, градот Скопје има повеќе надзори и казни од сите останати општини заедно, а изречени се казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот.