(ВИДЕО) Мизрахи: Ако некогаш беше позната флоскулата „Слушај го Венко“, сега е актуелна „Слушај Венко“
„Ако некогаш беше позната флоскулата „Слушај го Венко“, сега е актуелна „Слушај Венко“!
Врз основ на доставениот извештај на ДЗР за 2021 година, како и материјалите доставени од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, МАЛМЕД и ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, а по барање на Анкетната комисија за скандалот на Клиниката на онкологија, како и исказите на сведоците и/или експертите кои дадоа искази пред Анкетната комисија, а во врска со скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, по пат на дедукција се утврди дека:
Д-р. Венко Филипче, како тогашен министер за здравство во критичниот период на кој се однесува и извештајот на ДЗР, не постапил согласно надлежностите од Законот за здравствената заштита, и тоа конкретно: член 17, член 27, член 92-г, член 110, член 226-б, член 226-и и член 295. Исто така не постапил во согласност со Законот за јавни набавки, и тоа конкретно: член 2 т.11, член 76 и член 77 (2 и 5). Не е постапено соодветно на член 4 (1) и член 13 (1, 2, 4) како и член 22 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. По однос на Законот за здравственото осигурување не се постапило согласно членот 59.
Г-дине Филипче, како што и повеќе од добро знаете, заклучоците не се описни, есејни или политички поетски, туку цитираат членови на закони. Па кога зборувате за тоа како ви се правеле хајки и да ве прашам:
Хајка ли беше модуларната болница, хајка ли беше набавката на вакцини за ковид од непостоечка фирма во Кина, или епската неспособност да се набават било какви вакцини, хајка ли беше недостатокот на маски за медицинските работници на среде пандемија, немањето кислород или болнички кревети, медикаменти, тестови за ковид, опрема, па дури и онаа која мистериозно исчезнала, хајка ли беа очајничките пораки и барања за помош од хоспитализирани лица по социјални медиуми, здравствените протоколи издадени од речиси секого, колапсот на итната помош, смртноста која не смести речиси на врвот на листата на најнеспособните, хајка ли беа тендерите во четири очи кои ги криевте позади здравствената криза…хајка ли беше сето ова додека релаксирано влеговте без заштитна опрема во хируршка сала среде хируршка интервенција или додека теравте викенди со мотори со екс премиерот, теравте ексклузивни одмори на море итн.
На крај на денот, пиар „мајсторчињата“ на опозицијата во обид да го оправдаат неоправдливото, да го скријат она што на нормален човек не му е ни на крај памет да го сокрие и да го амнестираат оној за чија вина или невиност не суди Анкетната комисија туку надлежните органи на прогонот, најдоа и ден за тоа. Токму на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот ја нападнаа претседателката на комисијата во надеж дека нејзините дневни ангажмани нема да и дозволат да ги повтори одамна познатите факти до кој таа комисија дојде. Па по онаа народната петпати повторена лага станува вистина се обидоа да го тргнат гревот од тогашниот министер и вината да ја префрлат на друг. Истата добро позната рецептура на СДС. Така владееја такви се и во опозиција“ рече Мизрахи.
Одговорноста за Онкологија, како што рече, не е кај Мизрахи, ниту кај актуелните директори на фондот ниту кај актуелниот министер, ниту кај оваа власт.
„Не Филипче, оваа влада не работи „како до сега“ и не работи на реверс со кршење закони и крадење ампули. А за евентуално утврдениот криминал од страна на надлежните, каде се предадени сите документи, не суди Рашела, парламентот, ниту извршната власт туку судот, колку и да им е ова непознато и несвојствено на СДС.
Оваа власт не игра политички – бизнис игри Филипче, и секако не на грбот на граѓаните. Игри нема, но одговори мора да има. Предметите се кај надлежните институции. Апелирам, во интерес на граѓаните час поскоро тие да излезат со свое видување“ порача Мизрахи.