АСНОМ е темел на државата, Касами е во судир со законите-реагира Сојузот на борци и граѓани продолжувачи

Сојуз на борците од Народно-ослободителната и антифашистичка војна во Македонија (НОАВМ) и граѓаните продолжувачи Тетово со реакција на одговорот на Билал Касами, по испратеното отворено писмо да не се менуваат имињата од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите.

Касами денеска рече дека „ние не можеме да бидеме заложници на едно време, сега имаме европски демократски концепт и согласно тоа, тоа ќе рефлектира и во имињата на улиците“.

Од Сојузот на борци сметаат дека Касами е во судир со Законот за определување имиња на улици и други инфраструктурни објекти според кој се што е спротивно на обичаите, јавниот морал, но и се што е спротивно на темелот на државноста, на највисокиот државен интерес е спротивно на тој закон.

– Оваа држава почива врз АСНОМ-ски темел и не може да зборуваме за остатоци на комунизам, напротив, туку за борба за создавање на современа македонска државност којашто е и тоа како темелно поврзана со историјата на нашиот град Тетово. Бидејќи оттука тргнува една нова ера македонска пролет во далечните, тогаш воени услови кога македонскиот народ после векови и векови стремежи за државност ги ефектуира во државотворни одлуки. Треба да му е срам за такво еклатантно непознавање на историјата. Таква желба да се задоволат ситни политички апетити, едно бандитско однесување коешто е без преседан, истакна Даријан Сотировски, член на претседателството на Сојузот на борци и граѓани продолжувачи.

Сојузот, додаде тој, ќе поведе институционална борба против иницијативата за преименување на улиците.

– Мислам дека градоначалникот влегува на многу лизгав терен, доколку продолжи да удира со глава во ѕид, сепак времињата носат и нови генерации и нови начини на легална борба низ институциите на системот. Но, некој да ни каже дека приоритетно прашање на оваа општина се имињата на улиците кога сме опколени со безброј проблеми поради отсуството на основно чувство за работа за граѓаните, е надвор од здрав разум, рече Сотировски.

Од Сојузот на борци и граѓани продолжувачи апелираат политичките партии од власта и опозицијата, по прашањето да не се конфронтираат, со оглед дека изворот на проблемот, вели, е на друго место.

Back to top button
Close