Повеќето пациенти на Онкологија ја примаат потребната терапија, недостиг има за 40-60 – вели директорот на Клиниката
Повеќето од пациентите што се третираат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија ја примаат потребната терапија, вели директорот на оваа јавна здравствена установа Игхор Стојковски, а за оние за кои има недостиг во моментот очекува проблемот да се реши во најкраток можен рок.
Лековите што треба да бидат набавени со анкес на претходните договори, Стојковски очекува да стигнат уште во текот на на утрешниот ден, а за другите, кои треба да стигнат преку донација, вели дека работат заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Според директорот на Клиниката за онкологија, во моментов има недостиг на лекови, кои се дел од третманот, за 40-60 пациенти.
„Само да потенцирам дека повеќето од пациентите што се третираат на Универзитетската клиниката за радиотерапија и онкологија, ја примаат потребната терапија, хемотерапија, радиотерапија и биолошка терапија. Недостасуваат лекови за дел од третманот за околу 40 до 60 пациенти во моментов. Верувам дека во најбрз временски рок ќе ја обезбедиме таа терапија. Од околу пет илјади новорегистрирани пациенти на клиниката, над 95 проценти ја примаат соодветната терапија“,изјави денеска Стојковски.
Одговарајќи на новинарско прашања, тој рече дека дефектурата на лекови настанала поради зголемен број пациенти.
„Дефектурата настана поради зголемениот обем на пациенти и поради еден лек од кој имаше недостиг, тогаш пациентите се префрлаа на друг лек што сега во моментот е на дефектура“,рече директорот на Онкологија.
Кои пациенти ќе бидат вклучени на биолошка и на друга терапија, како што кажа Стојковски, одлучува стручен колегиум од 12 члена, односно онколошки конзилиум, додавајќи дека имало случаи кога колегиумот сметал дека одреден пациент не треба да биде вклучен на терапија, која е дел од условниот буџет на Клиниката.
„Генерално не одлучува еден доктор индивидуално, туку консензуално со мнозинството на онколошкиот конзилиум“,додаде Стојковски.
Директорот на Клиниката подвлече дека со добро и соодветно планирање, ќе ги направат сите напори да ги има сите лекови во секое време.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски денеска изјави дека во петок треба да бидат одобрени годишните планови и многу брзо после тоа да имаат капацитет да ја спроведат редовната годишна набавка.
„Разговорите сега за овој период е за многу краток период да се обезбедат потребните лекови. Зборуваме за четири до пет недели, а во тој период да бидат завршени редовните годишни набавки кои ќе се надевам дека ќе имаме можност да ги објавиме во детали следната недела“,изјави Клековски.
Дека на Клиниката за онкологија има недостиг на шест лека од биолошката терапија на 17 јануари алармираа пациенти кои се лекуваат на оваа Клиника, истовремено изразувајќи стравувања дека за брзо време може да снема уште три други.
Проблемот што настана беше повод за секојдневни препукувања и обвинувања меѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој е виновен за настанатата ситуација.
Додека за опозицијата проблемот лежи во неспособноста на актуелната власт за решавање на проблемот, од владејачката партија остануваат на ставот дека за недостигот е виновна претходната власт и нејзините блиски врски со одредени веледрогерии, кои се добавувачи на лековите.
Премиерот Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“, емитувано вчера вечер на МРТ 1, рече дека проблемот со недостатокот на лекови на Клиниката за онкологија е решен за рекордно време и оти нема да се повтори во иднина.
По првпат, како што кажа тој, нема да се земаат лекови на реверс, без контрола и со избор на преферирани веледрогерии.