Конвертиран Македонец меѓу исламските есктремисти кои планираа напади врз цивили

Конвертиран Македонец меѓу исламските есктремисти од терористичката ќелија чии четворица членови беа уапсени во четвртокот, а четворица на средината на декември минатата година, oбјави Сител.

Засега е непознато кога и каде тој бил екстремизиран. Според новинарите на Сител, во групата има повратници од боиштата во Сирија кои се бореле за Исламска држава.

Групата планирала терористички напад врз т.н. меки цели, односно објекти во кои има цивили. Тие биле во напредна фаза на планирање на нападот.

Ќелијата беше пронајдена преку социјалната мрежа Телеграм со помош на странска разузнавачка служба. На платформата, членовите на групата објавувале пропагандни материјали од ИСИС, договарале купување на огнено оружје и регрутирале нови членови.

Пропагандните материјали биле преведувани на албански јазик, но биле споделувани и оригинално на арапски. Членовите имале различни улоги – некои биле одговорни за нападите, а други за собирање финансии и логистика.

Ќелијата е разбиена во два наврати. Специјалните единици на МВР првично извршија апсења во Струга и Гостивар. При тогашните претреси бил пронајден само еден пиштол со празна рамка, но истражителите одзеле мобилни телефони, лаптопи и пропагандни материјали.

Во вториот бран апсења во Скопје и Гостивар кои се случија во четвртокот пронајдена е и автоматска пушка и пиштол, но и компјутерска опрема и телефони. Тие сега ќе бидат вештачени за се дознае дали келијата брои и други членови.

Во 2015 и 2016година беа спроведени акциите „Ќелија 1“ и „Ќелија 2“ во кои беа опфатени 47 луѓе. Меѓутоа, од 36-те во „Келија 1“, дури 25 не беа тогаш достапни за истражните органи.

Во 2021 година беше разбиена и терористичка група од Куманово. Кај тројцата членови полицијата тогаш пронајде цел арсенал оружје, но и самоубиствен елек со експлозив.

Главен проблем е што државата нема механизам за ресоцијализација на повратниците од боиштата во Сирија. Учество во странски војски е казниво со затвор, но освен решетки, државата нема ниту начин, ниту механизам како овие лица да ги одврати од екстремистичките гледишта.

Дел од повратниците од боиштата во Сирија, според информации на Сител, се јавуваа и во улога на ликвидатори во мафијашките пресметки меѓу нарко-клановите Грчец и Беланоца.

Back to top button
Close