Касами најавува преименување улици во Тетово, Мицкоски вели дека тоа не е дел од коалицискиот договор
„Ние не можеме да бидеме заложници на едно време. Македонија до деведесеттите години беше под Југославија и беше нели комунистички систем, монистички систем каде имаше други херои кои ги славевме. Сега сме во демократска држава, а сега имаме нов концепт со кој ги создаваме институциите и ја градиме државата. Тоа е европски демократски концепт и согласно тоа, тоа сигурно ќе се рефлектира и во имињата на улиците во градот Тетово“, рече Касами на денешниот брифинг.
Одговорот на Касами доаѓа откако Сојузот на борци му порачаа да не се менуваат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите.
Касами вели дека одредени имиња на улиците ќе останат, а иницијативата е насочена првично за евидентирање на улиците, а потоа за именување. Тој вели дека и граѓаните ќе може да учествуваат со предлози кои ќе ги достават до комисијата која била формирана и која ќе треба да ја реализира целата постапка. Во комисијата, како што рече тој, членувале претставници на сите советнички групи и надворешни експерти:
„Во таа комисија има и Албанци и Македонци, има и од позиција и од опозиција. Има и надворешни експерти кои ќе дадат свои придонес во целиот процес. Самата инцијатива не значи дека сите имиња кои постојат ќе бидат преименувани“, рече тој.
Како пример за име на улица што нема идентификација со Македонија и со Тетово го посочи „Кавказ“:
„Во Тетово има улица ‘Кавкаска’ и не знам што сакаме да покажеме со тоа име на улица. Неколку примери има вакви со кои нема ништо заедничко ни Тетово ни Северна Македонија и тие улици сигурно ќе се преименуваат, но улиците на македонските херои кои се налик и на ова време сигурно дека ќе бидат земени предвид, и ако комисијата одлучи да останат ќе останат“, додаде Касами.
По изјава на Касами дека „ние не можеме да бидеме заложници на едно време“ со реакција се огласија и од Сојузот на борци од Народно-ослободителната и антифашистичка војна во Македонија (НОАВМ) и граѓаните продолжувачи од Тетово. Оттаму сметаат дека Касами е во судир со Законот за определување имиња на улици и други инфраструктурни објекти според кој се што е спротивно на обичаите, јавниот морал, но и се што е спротивно на темелот на државноста, на највисокиот државен интерес е спротивно на тој закон.
„Оваа држава почива врз АСНОМ-ски темел и не може да зборуваме за остатоци на комунизам, напротив, туку за борба за создавање на современа македонска државност којашто е и тоа како темелно поврзана со историјата на нашиот град Тетово. Треба да му е срам за такво еклатантно непознавање на историјата. Таква желба да се задоволат ситни политички апетити, едно бандитско однесување коешто е без преседан“, вели Даријан Сотировски, член на претседателството на Сојузот на борци и граѓани продолжувачи.
Даријан Сотировски, член на претседателството на Сојузот на борци и граѓани продолжувачи Сотировски додава дека Сојузот ќе поведе институционална борба против иницијативата за преименување на улиците.
„Мислам дека градоначалникот влегува на многу лизгав терен, доколку продолжи да удира со глава во ѕид, сепак времињата носат и нови генерации и нови начини на легална борба низ институциите на системот. Но, некој да ни каже дека приоритетно прашање на оваа општина се имињата на улиците кога сме опколени со безброј проблеми поради отсуството на основно чувство за работа за граѓаните, е надвор од здрав разум“, додава Сотировски.
Околу најавите на тетовскиот градоначалник Касами дека некои од улиците во градот ќе добијат нови имиња, денеска, во одговор на новинарско прашање, став изнесе и премиерот Христијан Мицкоски. Тој нагласи дека тоа не може да се случи и доколку се случи, како што рече, како претседател на Владата нема да разгледува таква точка.
„Прво, не може да има промена на имиња без консензус. Тоа зависи од одлука на Влада. Доколку се донесе еднострана одлука, јас како претседател на Владата, таква точка нема да разгледувам“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека има коалициски договор во кој, како што рече, стои дека тие улици кои веќе имаат име да не се менуваат.
„Второ, има коалициски договор, колку што сум јас запознаен, а коалицискиот договор е дека сите оние улици коишто се без број или со број, да добијат имиња. А тие улици коишто веќе имаат име да не се менуваат. Тоа е коалицискиот договор. А имињата коишто ќе бидат предложени за оние улици коишто се без број и со број, треба да бидат прифатени, и да имаат коалициски компромис“, додаде Мицкоски.