МОН објави конкурс за набавка на нови учебници

Министерството за образование и наука ја започна постапката за набавка на учебници по странски јазик, со цел истите да бидат обезбедени за следната учебна 2025-2026 година.

Тие велат дека на јавниот повик кој е објавен на следниот линк, а изработен согласно одредбите од новиот Закон за учебници во основното и средното образование, можат да се пријават странски издавачи преку домашни застапници и тоа за одобрување на учебници по Англиски јазик од прво до деветто одделение, како и за учебници по Француски, Германски, Италијански и Руски јазик од шесто до деветто одделение. Крајниот рок за пријавување е 28.3.2025 година.

„Постапката за набавка на сите учебници по странските јазици целосно ќе заврши пред почетокот на учебната година. Учениците, први септември ќе го започнат без грижи дали ќе имаат основни помагала за совладување на наставната материја, а наставниците без обврски самостојно да наоѓаат материјали и извори на информации“, додаваат од МОН.

 

 

Дополнително, тие информираат дека е објавен и конкурс за изработка на нови учебници за седмо одделение, согласно новите наставни програми и тоа по предметите Биологија, Хемија, Физика, Географија, Граѓанско образование и Албански јазик како изборен предмет, но и учебници по изборниот предмет Јазикот и културата на Турците за сите одделенија од шесто до деветто. Рокот за пријавување е 31.3.2025 година.

МОН и Педагошката служба ги повикуваат издавачките куќи да покажат интерес и да се пријават на повиците.

„Конкуренцијата е од исклучителна важност за обезбедување на квалитетни наставни помагала, кои ќе овозможат непречен воспитно-образовен процес“, велат од таму.

Сите учебници и натаму ќе останат бесплатни, со обврска за учениците да се грижат за нивната состојба и на крајот од учебната година да ги вратат на училиштето.

Back to top button
Close