Белата куќа го укина меморандумот за замрзнување на грантови и заеми

Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа го укина меморандумот што ги замрзна федералните грантови и заеми.

„Меморандумот на ОМБ М-25-13 е укинат. Ако имате прашања во врска со спроведувањето на извршните наредби на претседателот, ве молиме контактирајте го генералниот советник на вашата агенција“,

се вели во новиот меморандум до кој дојде Си-ен-ен.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит денеска изјави дека меморандумот од Канцеларијата за менаџмент и буџет на САД (OMБ) за замрзнување на федералните заеми и друга помош е укинат, но дека самото замрзнување останува.

Замрзнувањето беше објавено во понеделникот, а федералниот суд го блокираше во вторникот.

„Ова не е поништување на замрзнувањето на федералните средства. Тоа е едноставно поништување на меморандумот ОМБ. Зошто? За да се стави крај на секоја конфузија создадена со судската забрана. Извршната наредба на претседателот (Доналд Трамп) за федерално финансирање останува на сила и строго ќе се спроведува“,
напиша Ливит на платформата Икс.

Трамп во средата рече дека целта на привременото замрзнување на финансирањето на одредени несуштински програми е да и се обезбеди на владата доволно време да утврди дали има случаи на измама, расипничко или неоправдано трошење на јавните пари. Тој рече дека е запрена исплатата на 1,7 милијарди долари на странски организации.

Ројтерс претходно објави дека администрацијата на Трамп се повлекла од предложената пауза за федералната помош која се закануваше да го прекине финансирањето на стотици милијарди долари во владините програми.

Одлуката на Трамп предизвика хаос во владата во вторникот и се чини дека ги наруши плаќањата за здравствена заштита и услуги за грижа за деца. Белата куќа претходно соопшти дека е подготвена за судска битка.

„Сè што прави оваа администрација е во границите на законот и ние сме подготвени да ја водиме оваа битка на суд“,изјави пред новинарите портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Пресудата на американската окружна судијка Лорен Али Кан претставува победа за непрофитните организации кои рекоа дека прекинот на финансирањето ќе биде катастрофален за десетици милиони Американци кои зависат од тие пари за многу потребните услуги.

Back to top button
Close