Екс-сенаторот Боб Менендес осуден на 11 години затвор
Поранешниот американски сенатор Боб Менендес синоќа беше осуден на 11 години затвор поради примање поткуп во злато, кеш и други подароци, и незаконско лобирање во полза на Египет и на бизнисмени од Њу Џерси.
Менендес е поранешен влијателен демократ во Сенатот со 18 и пол години искуство како претставник на сојузната држава Њу Џерси. Лани во јули тој беше прогласен за виновен по сите 16 точки од обвинението, вклучувајќи мито и измама. Тој исто така стана првиот американски сенатор осуден за тоа што дејствувал како странски агент.
Лани во август тој си поднесе оставка од позицијата.
Обвинителството на јужниот округ на Њујорк бараше затворска казна од 15 години. Според обвинителите, Менендес помагал во обезбедување воена помош за Египет, лобирал за поддршка на Катар и се мешал во судски процеси во корист на поврзани бизнисмени во замена за мито во форма на златни прачки, готовина и автомобил Mercedes-Benz.
-Менендес, кој се заколна дека ќе ги брани интересите на Соединетите Држави и државата Њу Џерси, ја стави својата висока позиција на продажба за да биде поткупен, се наведува во судските документи.
Менендес се изјасни за невин и изјави дека ќе поднесе жалба.
Адвокатите побараа од судот да му изрече казна не подолга од две години и три месеци, поради неговата возраст, долгогодишната јавна служба, добротворната работа, посветеноста на семејството, како и претрпената финансиска и професионалната штета.
Од истиот суд претходно осудени беа двајца негови соучесници. Бизнисменот од Њу Џерси, Фред Дајбес, доби седум години затвор, а Ваел Хана – нешто повеќе од осум години.
И сопругата на Менендес, Надин, се соочува со судење, кое што е одложено за 18 март.