Трамп сигурен дека Египет и Јордан ќе примат раселени Палестинци
„Ќе сакаат, ќе сакаат!“, уваеруваше синоќа американскиот претседател Доналд Трамп за тоа дека Јордан и Египет ќе ги примат раселените Палестинци, иако двете земји јавно одбија да го сторат тоа.
„Ние правиме многу за нив и тие ќе го сторат тоа“, му рече републиканскиот претседател на новинар во Белата куќа кој го праша како може да ги натера Аман и Каиро да го променат својот став, но на тоа не одговори.
Шефот на египетската држава Абдел Фатах ал-Сиси и јорданскиот крал Абдула Втори во средата категорично ја отфрлија идејата на Трамп да се префрлат Палестинците од Газа во нивните земји.
-Депортирањето и раселувањето на Палестинците од нивната земја е неправда во која нема да учествуваме, рече Ал Сиси.
Во изјавата, Абдула Втори ја подвлече „цврстата позиција на Јордан за потребата Палестинците да останат на нивната земја и да им се овозможи да ги остварат своите легитимни права, во согласност со решението за две држави“ – формирање на палестинска држава покрај Израел.
Додека речиси сите 2,4 милиони жители на Појасот Газа, кој е под опсада на Израел, се раселени поради војната, американскиот претседател минатата сабота ја претстави идејата да ги испрати во Јордан и Египет за, според неговите зборови, „ да се исчисти“ оваа палестинска територија.
Доналд Трамп во понеделникот потврди дека жителите на Газа „можат да живеат во многу побезбедни и можеби многу поудобни области“.
Неговиот предлог предизвика остри осуди на Блискиот Исток и Европа.