Брзи и бесни, а казните лесни
Доста е, сите да излеземе на протест, мора да се изрекуваат пресуди со високи казни за сеачите на смрт по улиците, да се ревидираат скандалозни одлуки на судот… Ова се дел од гневните реакциите на граѓаните откако 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино завчера во Скопје на пешачки премин беше усмртена од 20-годишниот В.Ј. кој како што соопшти Основното јавно обвинителство Скопје, го управувал автомобилот без возачка дозвола. Покрај тоа, возел и под дејство на аклохол, не се придржувал кон прописите, не ја приспособил брзината на движење и поминал на вклучено црвено светло.
Епилогот од ова дивеење заврши со уште еден црн биланс запишан со крв на булеварот „Партизански одреди во Скопје“. На истиот булевар во април 2015 година беше усмртена и 19-годишната студентка Фросина Цековска, откако беше прегазена од автомобил управуван од 26-годишник под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената.
Реакциите на граѓаните овојпат се насочени и кон односот на надлежните институции, имајќи ги предвид информациите дека лицето осомничено за сообраќајната несреќа не требало да биде на слобода, заради случај со производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори.
Воспитна мерка наместо казна
Како што објаснуваат од ОЈО Скопје, против тоа лице МВР поднело кривична пријава на 30.3.2024 година за член 215 од Кривичниот законик (производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори), а јавен обвинител веднаш донел Наредба за поведување истражна постапка против осомничениот и предлог за притвор. Осомничениот станал достапен на органите на прогонот од 2.4.2024 година и веднаш започнал да ја издржува мерката притвор.
Истрагата била завршена за помалку од 2 месеци и на 21.5.2024 година јавниот обвинител поднел обвинителен акт, при што побарал и продолжување на мерката притвор. Тој предлог бил прифатен и на лицето му бил продолжен притворот се до 31.7.2024 година. Тогаш Основниот кривичен суд Скопје донел пресуда – решение со кое го огласил за виновен и му изрекол воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом, во согласност со Законот за правда на децата при што ја укинал притворската мерка.
На 30.9.2024 година јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложил жалба и предметот се уште е во жалбена постапка. Но, жалбата била во однос на воспитната мерка, бидејќи не била дозволена жалба во однос на притворот, со оглед дека не била изречена казна, туку воспитна мерка.
Предизвикал и друга сообраќајна незгода
Против истото лице до обвинителството била поднесена само уште една пријава на 1.02.2023 година за кривично дело од член 297 за сообраќајна незгода од 4.11.2022 година, во која едно лице се здобило со полесни повреди.
Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел Решение со кое не се презема кривично гонење согласно чл.43 од ЗКП, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот на РСМ.
Освен ова, МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави за лицето не биле поднесени во јавното обвинителство.
Се бара најстрога казна
Меѓу судските пресуди кои досега го добиваа епитетот „скандалозни“, многу често беа и оние за сообраќајни несреќи со смртни случаи, а ги имаше разни – од скандалозни условни казни до минимални, кои редовно го предизвикуваа револтот на јавноста.
ВМРО-ДПМНЕ изрази најдлабока жалост за несреќата во која животот го загуби младата Фросина Кулакова и побара најостра санкција за возачот.
„Наместо декларативни казни, потребни се суштински мерки кои ќе делуваат превентивно за секој што ќе се осмели да управува моторно возило без возачка дозвола, во алкохолизирана состојба или при намалена свесност. Казната во овој случај и сличните мора да биде најстрога, за да се испрати јасна порака дека никој не смее да си игра со законот“, нагласи партијата во соопштението. (Dw)