За Кривичен нејасно било зошто случајот во кој осомничениот возач е пуштен од притвор се поврзува со сообраќајката на „Партизанска“
На предлог на скопското Јавно обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен притвор на В.Ј. – осомничениот за сообраќајната несреќа од средата, кога по удар од автомобил на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје загина 22-годишната Фросина Кулакова.
Во однос на претходните судски постапки кои се воделе против 20-годишникот, од Судот наведуваат дека момчето со првостепена одлука било осудено на 31 јули минатата година за две кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Судскиот процес го водела судијката Даниела Алексовска-Стојановска. Бидејќи во моментот на судењето момчето немало наполнето 20 години, Судот за овие кривични дела му одредил воспитна мерка, повикувајќи се на Законот за правата на децата, кој лицата од 18 до 21 година ги третира за помлади полнолетници.
„Судот му изрекол воспитна мерка заводска мерка – упатување во воспитно-поправен дом, каде согласно член 48 став 3 и став 4 обвинетиот во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се засметува и времено поминато во притвор, по истиот предмет од 2.4.2024 година до 12.8.2027 година. Согласно законските одредби од Законот за кривична постапка, по досудена заводска мерка, мерката притвор не може да опстојува, заради што јавниот обвинител вложил жалба во однос само на кривичната санкција. Предметот на 7.11.2024 година е доставен на надлежно постапување на Апелациониот суд Скопје, од каде сè уште не е вратен на евентуално извршување“,информираат од Кривичниот суд.
Возачот што смртно ја прегази 22-годишната девојка во април лани бил во притвор, а во 2022 година направил уште една сообраќајка
Од Судот додаваат дека момчето не било осудувано за други кривични дела и дека против него не се водела постапка за други кривични дела. Додаваат дека до овој момент до Судот не е процесирана друга кривична ниту, пак, прекршочна пријава од областа на сообраќајот. Момчето единствено било евидентирано како малолетник во 2021 година кога му била изречена судска опомена поради нарушување јавен ред и мир.
За нејасна Судот ја смета конекцијата што се создава во јавноста за кривичното дело за кое на 20-годишникот му е одредена воспитна мерка, со делото што го сторил седум месеци подоцна, односно сообраќајката пред два дена.
„Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после 7 месеци од донесената пресуда со која треба да се институционализира, може да стори друго кривично дело, па поради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја како и Меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат. Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде неретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно не бил во судир со законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола. Станува збор за општествен проблем“,велат од Кривичен.