Илјадници Аргентинци излегоа на протести против претседателот Ксавиер Милеј

Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Буенос Аирес и другите аргентински градови за да протестираат против говорот што претседателот Ксавиер Милеј го одржа минатата недела на Светскиот економски форум во Давос, осудувајќи ја таканаречената идеологија на Вокизмо (движење на „разбудените“), феминизмот и други прогресивни струи, јавија американските медиуми.

Протестите беа организирани од ЛГБТ+ заедницата под мотото „Федерален марш на антифашистичка и антирасистичка гордост“. Демонстрантите вееја знамиња со виножито и носеа плакати со слогани за „права за кои не може да се преговара“.

На 23-ти јануари во Давос, Милеј остро го критикуваше „болниот вокизам“, социјалната помош, феминизмот, идентитетската политика и борбата против климатските промени. Аргентинскиот претседател рече дека „во најекстремните верзии, родовата идеологија претставува чисто и едноставно насилство врз децата“.

Герман Паладино, еден од демонстрантите, кој по професија е машински инженер, изјави дека владата на Милеј ги запоставува социјалните прашања како што се здравството и образованието додека ги напаѓа приватните животи на луѓето.

-Тука сум да ги бранам правата што ги освоивме, а кои во моментов се напаѓани, изјави 33-годишниот уметник по име Милагрос.

Во последните децении, Аргентина усвои прогресивни закони кои ја потврдуваат сексуалната различност и еднаквите брачни права, потсетуваат американските медиуми.

Back to top button
Close