Четиригодишното дете што почина во Струшката болница, имало тешка форма на церебрална парализа и загрозени витални параметри

Четиригодишното дете што утрово почина на Детското одделение во Струшката болница имало тешка форма на церебрална парализа и загрозени витални параметри, потврди за МИА директорот на Струшката болница Владимир Бунчески.

Во изјава за МИА посочи дека детето било донесено во многу тешка состојба со подраширени зеници и оти борбата на лекарите да го вртат во животот била не успешна. Детето било родено во Италија со тешка форма на церебрална парализа, каде докторите им соопштиле на родителите дека ќе живее три до шест месеци.

-Детето во Болницата во Струга е донесено во многу тешка форма со подраширени зеници, ослабено срце и загрозени сите витални параметри. И покрај долгата реанимација и борбата на лекарите да го вратат во живот било неуспешно. Имало тешка форма на респираторна инфекција со загрозени сите витални параметри. Родителите биле свесни околу состојбата, информира Бунчески.

Увид извршил јавен обвинител и во координација со семејството телото нема да биде предадено на обдукција. Не била констатирана лекарска грешка, биле преземени сите здравствени мерки.

СВР Охрид денеска соопшти дека четиригодишно дете утрово починало на Детското одделение во Струшката болница, а случајот во полиција бил пријавен во 9:50 часот од медицински лица од Општата болница во Струга.

– Медицински лица од Општата болница во Струга пријавиле дека, на детското одделение во болницата било донесено четири годишно дете од Струга, кое извесно време било во тешка здравствена состојба, и покрај итно укажаната медицинска помош, починало, изјави портпаролот Стефан Димоски.

Back to top button
Close